„Бидете знак на молитвата на Црквата, која ја изразува својата љубов кон Бога преку убавината на музиката“, ги поттикна Папата учесниците на Јубилејот на хоровите и хорските ансамбли за време на светата Литургија, која ја служеше во недела 23 ноември 2025 година, на празникот Христос, Цар на Вселената.
Во својата проповед, Папата потсети дека Литургијата нè повикува да се приближиме со обожавање и радост кон Господ Исус, Царот на Вселената, чија сила е Неговата љубов, чиј престол е Крстот, а преку Крстот Неговото Царство се шири низ целиот свет. „Оваа љубов е и вдахновение и причина за нашето пеење“, рече Папата, обраќајќи се кон хоровите.
Обраќајќи им се на учесниците на Јубилејот на хоровите, Папата ја нарече нивната служба „дар и благодат“ неопходни за духовно водство на браќата. Тој истакна дека музиката може да го изрази она што зборовите не можат да го пренесат и дека пеењето ги обединува умот, чувствата, телото и душата.
„Свети Августин нè потсетува: „Cantare amantis est“, односно „да се пее значи да се сака“. Кој пее изразува љубов, болка и нежност, а во исто време го сака оној на кого му е упатена песната“, нагласи Папата.
„Пеењето нè потсетува дека сме Црква во движење, вистински синодална реалност, способна да го сподели со сите повикот за славење и радост во ходочестиете на љубовта и надежта“, рече Папата.
Светиот Отец забележа дека „различните гласови на луѓето создаваат хармонија меѓу себе, давајќи живот на една единствена химна, силен симбол на Црквата, која во љубовта ги обединува сите во една нежна мелодија“.
Хорот е мало семејство од разновидни луѓе, обединети од љубовта кон музиката и службата што ја нуди. Сепак, не заборавајте дека заедницата е вашето големо семејство: вие не стоите пред неа, туку сте дел од неа, во обид да ја направите пообединета преку вдахновение и ангажирање.
„Хорот е во извесна смисла симбол на Црквата, која на патот кон својата цел оди низ историјата, славејќи го Бога. Иако понекогаш овој пат е исполнет со тешкотии и искушенија, а заедно со радосните моменти има и други, потешки, пеењето го олеснува патот и носи утеха и мир“, рекол Лав XIV.
„Затоа, стремете се сè повеќе да ги преобразувате вашите хорови во чуда на хармонија и убавина, станувајќи сè повеќе светла слика на Црквата што го слави нејзиниот Господ. Внимателно проучувајте го Учењето на Црквата, кое во документите на Соборот ги истакнува принципите за подобро вршење на вашата служба.“
„Пред сè, бидете способни уште повеќе да го ангажирате Божјиот народ, без да подлегнете на искушението на раскошот, што исклучува активно учество во пеењето на целиот ансамбл“, охрабри Папата.
„Затоа, бидете елоквентен знак на молитвата на Црквата, која ја изразува својата љубов кон Бога преку убавината на музиката. Грижете се вашиот духовен живот секогаш да одговара на висината на службата што ја исполнувате, за да може навистина да ја изрази благодатта на Литургијата“, рече Папата, доверувајќи ги црковните музичари и хористи под заштита на Света Сесилија, заштитничка на музиката.
Ватикан њуз/к.мк

