Папата ги повика народите да не се откажуваат од оние што бараат заштита

Папата ги повика народите да не се откажуваат од оние што бараат заштита

По молитвата Ангел Господов во недела папата Лав XIV го одбележа Светскиот ден на бегалците, се помоли за жртвите во сообраќајната несреќа во Бразил и ги поздрави членовите на Католичко-пентекосталниот меѓународен дијалог.

На крајот од молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“, во недела, 21 јуни 2026 година, папата Лав XIV се осврна на Светскиот ден на бегалците, кој Обединетите нации го одбележуваат на 20 јуни.

Светиот Отец упати апел за обновена ангажираност во заштитата на луѓето кои се принудени да бегаат од прогон, насилство и конфликти.

Одбележувајќи ја 75-годишнината од Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, Папата потсети на трајното значење на овој меѓународен договор, воспоставен по Втората светска војна за заштита на правата на бегалците и обезбедување правна заштита за оние што се принудени да ги напуштат своите домови.

„Се надевам дека духот што го инспирираше изготвувањето на овој важен меѓународен инструмент ќе продолжи и денес да ја просветлува совеста на оние што се одговорни за народите“, рече Папата.

Папата Лав нагласи дека рамнодушноста не е можен одговор за човечкото страдање.

„Никој не може да се сврти од оние што бараат заштита и безбедност“, истакна тој.

Светиот Отец ги охрабри општествата да ги примаат оние што доживеале прогон, за да можат да живеат „во мир и достоинство“ и да гледаат во иднината со надеж.

Молитви за младите жртви во Бразил

Обраќајќи им се на ходочесниците од Бразил, папата Лав потсети и на неодамнешната сообраќајна несреќа во североисточната бразилска држава Сеара, во која загинаа неколку млади луѓе.

„Се молам за младите луѓе кои загинаа пред неколку дена во сообраќајна несреќа во државата Сеара“, рече Папата.

Во трагедијата животот го загубија седум членови на кошаркарски тим. Жртвите, на возраст од 15 до 22 години, биле ученици и поранешни ученици од повеќе училишта во бразилскиот град Жуазеиро до Норте.

Католичко-пентекостален дијалог

Светиот Отец ги поздрави и членовите на Католичко-пентекосталниот меѓународен дијалог, форум кој повеќе од пет децении ги обединува претставниците на Католичката Црква и пентекосталните заедници во дух на меѓусебно разбирање и христијанско братство.

Повикувајќи се на древниот принцип lex orandi, lex credendi — „законот на молитвата е закон на верата“ — папата Лав истакна дека заедничкото размислување за односот меѓу молитвата и верата е особено значајно во денешниот свет.

Дијалогот има за цел да поттикне поголемо разбирање меѓу христијаните, како и соработка во сведочењето и службата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот