Во Икалуит на Арктичкиот Океан, папата Фрањо слушаше сведоштва за страдањата на домородните деца во резиденцијалните училишта и уште еднаш побара прошка за „злото“ – охрабрувајќи ги потомците на жртвите.
На третата и последна етапа од Апостолското патување во Канада во Икалуит на Арктичкиот Океан, папата Фрањо посебно ги охрабри младите Инуити повторно да ја откријат, негуваат и понатаму да ја развиваат својата култура. Во својот говор во едно училиште во петокот попладне (по локално време), папата Фрањо цитираше позната изрека од Јохан Волфганг Гете: „Она што сте го наследиле од вашите татковци, стекнете го за да го поседувате“.
На средбата Папата се повика на голем број традиционални начела на Инуитите, за кои поглавиците велат дека им помагаат на нивниот народ да се справат со брзите општествени промени во постколонијалниот, бикултурен свет. Проблемите, неправдите, скандалите, рамнодушноста и отстапувањата не смеат да ве обесхрабрат, им порача Папата на младите. Нивната лична иднина, како и иднината на нивната заедница Инуити е во нивни раце; во исто време, треба цврсто да се надеваат на Бога.
„Младите постигнуваат големи работи заедно, а не сами“, предупреди Папата. Затоа, важно е да се формираат тимови. Папата ги наведе Сара Нерс и Мари-Филип Пулин, познати канадски хокејарки на мраз, како пример. Бројните златни медали се должи на нивната дисциплина и креативност, тактика, физички напор и тимски дух.
Пред средбата, веднаш по слетувањето во Икалуит, Папата се сретна со преживеани од резиденцијалните училишта. За време на приватната средба, која траела значително подолго од планираното, поранешните ученици и роднини му раскажале за нивните искуства и трауми во интернатите.
Во својот говор, Папата им се заблагодари на младите и на старите за „споделувањето на големите страдања“. И во оваа прилика Папата „побара прошка за злото што го направија голем број католици“. Тие придонесоа за „политиката на културна асимилација и обесправување“, која првенствено се практикуваше во домовите. „Големо е злото кога се прекинуваат врските меѓу родителите и децата, ранувањето на најмилите емотивни врски, во ранувањето и соблазнувањето на малите! додаде тој, цититајќи го Исусовото предупредување опишано во Евангелијата.
Зборовите на Папата беа преведени на „Инуктитут“, јазикот на локалното население. Тоа е еден од јазиците чија употреба во интернати беше забранета.
По средбата, папата Фрањо го напушти Икалуит за да се врати во Рим, каде пристигна околу 7.50 часот во сабота наутро. Посетата на Канада, која започна во неделата, беше 37. Апостолско патување на папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк