Папата во сиропиталиштето во Камерун: Никој никогаш не е заборавен

Папата во сиропиталиштето во Камерун: Никој никогаш не е заборавен

Папата Лав XIV го посети сиропиталиштето Нгул Замба во Јаунде и ги охрабри децата што се соочуваат со тешкотии да се препознаат себеси како дел од едно семејство, заблагодарувајќи им се на старателите за нивната пожртвувана служба.

Папата Лав XIV на првиот ден од својата посета на Камерун, ги посети децата и вработените во сиропиталиштето Нгул Замба.

Обраќајќи им се најнапред на децата, Светиот Отец ја изрази својата радост што е меѓу нив и го опиша сиропиталиштето како место што станало вистински дом. Тој ги потсети дека пред сè Бог е Оној што ги прима како свои деца и ги прегрнува со љубов.

Во своето обраќање, Папата го истакна чувството на семејство што се чувствува во сиропиталиштето, нагласувајќи дека децата споделуваат слични животни искуства и тешкотии.

„Вие тука сочинувате вистинско семејство“, рече тој, додавајќи дека нивното единство како браќа и сестри, собрани околу Христос, им дава сила и им помага заеднички да се соочуваат со животните предизвици.

Папата се осврна и на страдањата низ кои поминале многу од овие деца, како што се загубата, напуштеноста и неизвесноста. Тој ги охрабри својата иднина да не ја врзуваат само за тие искуства.

„Вие сте повикани за иднина што е поголема од вашите рани“, рече Папата, потсетувајќи ги дека Бог е близу до оние што страдаат и дека секого од нив лично го познава.

Потоа, осврнувајќи се на Евангелието, папата Лав XIV потсети дека Исус покажувал особена грижа за децата и ги ставал во центарот на своето внимание. Тој им порача дека Христос и денес ги гледа со истата љубов и нежност.

Никој никогаш не е заборавен

Папата Лав потоа проговори и за пошироката одговорност на општеството. Во свет што често е обележан со рамнодушност, рече тој, местата како ова сиропиталиште потсетуваат дека луѓето се повикани да се грижат едни за други.

„Во големото Божјо семејство, никој никогаш не е странец или заборавен“, истакна Папата.

Тој им се заблагодари и на вработените, волонтерите и на монахињите што се грижат за децата, пофалувајќи ја нивната посветеност и пожртвуваност.

Нивната служба, рече тој, е конкретен израз на љубовта и одраз на Божјото милосрдие. Со тоа што им даваат на децата присуство, поддршка и насока, тие им даруваат сигурност и надеж за иднината.

На крајот од своето обраќање, Папата го цитираше Евангелието според Матеј, нагласувајќи дека грижата за најранливите претставува служба на самиот Христос. Ги охрабри сите што работат во сиропиталиштето да продолжат со својата мисија со истрајност и љубов.

На крајот од средбата, папата Лав XIV ги довери децата и вработените на застапништвото на Пресвета Богородица, молејќи таа да ги чува и поддржува, особено во тешките мигови.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вера, Вести

За авторот