На летот кон Париз, на почетокот од своето апостолско патување во Франција, папата Лав XIV ја истакна важноста на мирот во денешниот свет, им се извини на новинарите што по претходното патување во Шпанија не можел да се врати со нив во Рим и размени неколку зборови и шеги со претставниците на медиумите.
„Buongiorno a tutti! Bonjour! Добро утро! Како што велиме на англиски, добредојдовте на бродот! Многу ми е драго што ве гледам сите утрово и што можам да ве поздравам“, рече папата Лав XIV на летот кон Франција, на почетокот од своето петто меѓународно апостолско патување, кое од 25 до 28 септември ќе го однесе во Париз, Лурд и Мец.
„Пред сè, патувам во Франција, како и на секое друго место во светот, како следбеник на Исус Христос кој сака да го навестува мирот, Христовиот мир, низ целиот свет. Тоа е порака која во ова време, како што сите знаеме, е особено важна“, им рече Папата на новинарите кои патуваа со него.
Тој им се заблагодари за нивната работа и нагласи дека за време на патувањето ќе бидат допрени „многу важни теми“.
Во авионот патуваа повеќе од 80 новинари од над десет земји. На седиштата имаше навлаки со извезениот грб на Папата и логото на „ИТА Ервејс“, италијанската авиокомпанија што го изведуваше летот.
Новинарите беа опремени со лаптопи, телефони, фотоапарати и друга опрема, подготвувајќи се да им ги пренесат на гледачите, слушателите и читателите ширум светот најважните моменти од патувањето.
Низ авионот можеа да се слушнат бројни јазици, меѓу кои шпански, англиски, португалски, италијански и француски.
Извинување до новинарите
Папата ја искористи можноста лично да им се извини на новинарите за тоа што, по неговото претходно апостолско патување во Шпанија во јуни 2026 година, поради технички проблем со папскиот авион, тие мораа да се вратат во Рим со друг лет.
Поради тоа не можела да се одржи вообичаената прес-конференција за време на повратниот лет.
„Знам дека овој настан остави многумина од вас разочарани затоа што не можевме заедно да се вратиме во Рим“, рече Папата.
Разговори со новинарите
Потоа папата Лав XIV поединечно ги поздрави присутните новинари, а многумина ја искористија можноста да му постават прашање, да разменат шега или да му подарат нешто.
На прашање од новинар на Си-Ен-Ен за тешкотиите со кои некои негови колеги неодамна се соочиле при пристапот до Белата куќа, Папата одговори:
„Многу сум среќен што сите сте добредојдени овде. Мислам дека доброто известување е многу важно и дека треба да има пристап за сите.“
Новинар на „Њујорк тајмс“ го праша за развојот на вештачката интелигенција.
„Нашата ватиканска комисија е во контакт со многу од водечките луѓе во светот на вештачката интелигенција и го продолжуваме дијалогот кој, би рекол, се обидов да го започнам или продолжам во енцикликата“, одговори Папата.
Тој додаде дека многу од нив се отворени за барање начини вештачката интелигенција да не го замени или загрози човекот, туку да остане алатка во служба на човештвото.
„Барем започнуваат добри работи“, рече тој.
Новинар на „Нешнал Католик Репортер“ го праша Папата дали ќе навива за својот универзитет, Виланова, на претстојниот кошаркарски натпревар во Рим против Нотр Дам.
„Ми велат дека 90 отсто од луѓето што ќе дојдат на натпреварот се од Виланова, а 10 отсто од Нотр Дам, така што гласот на Божјиот народ ќе биде многу силен на страната на Виланова“, се пошегува Папата.
На прашањето за неговото познавање на францускиот јазик, папата Лав XIV рече дека малку вежба, но појасни дека повеќе не го користи „Дуолинго“, како што беше објавено во некои медиуми.
Еден новинар од шпанското радио КОПЕ му подари крст изработен од дрво од областите погодени од големите пожари во Шпанија во текот на летото.
Венецуелски фоторепортер, пак, му подари книга со 74 писма од преживеани од земјотресот што ја погоди земјата во јуни и однесе повеќе од 6.000 животи.
Друг шпански новинар го праша Папата за миграциската криза во Сеута, шпанската енклава во Северна Африка.
Папата одговори дека внимателно го следи прашањето уште од самиот почеток и дека треба да се најдат решенија за да се спречи повторување на таквата вонредна состојба.
„Тоа навистина беше хуманитарна криза“, рече папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

