Папата Лав XIV се обрати на учесниците на меѓународната конференција за климатска правда и се осврна на значајната еколошка енциклика на папата Фрањо „Laudato Si’“, нагласувајќи дека кога ќе дојде времето, Бог ќе нè праша дали сме се грижеле за нашиот заеднички дом.
Во средата попладне, 1 октомври 2025 година. по повод десетгодишнината од енцикликата на папата Фрањо „Laudato Si’“, Папата Лав XIV се обрати до учесниците на конференцијата „Подигање на надежта“, организирана од движењето Laudato Si’.
Во своето обраќање, Папата изрази благодарност за наследството на оваа енциклика, истакнувајќи дека нејзината порака вдахновува училишта, епархии, академски програми и меѓународен дијалог.
„Нејзиното влијание“, рече тој, „се прошири на самити, меѓурелигиски иницијативи, економски и деловни кругови, како и на теолошки и биоетички студии“. Посебно нагласи дека изразот „грижа за заедничкиот дом“ стана општоприфатена фраза, која се користи и во академската работа и во јавниот дискурс меѓу народите и континентите.
Преобразба на срцето
Потсетувајќи на постигнувањата во изминатата деценија, Папата Лав подвлече дека предизвиците идентификувани во „Laudato Si’“ денес се уште поактуелни отколку пред десет години. Овие предизвици, истакна тој, не се само политички и социјални, туку и духовни, повикувајќи на она што папата Фрањо го нарекува „преобраќање на срцето“.
„Срцето,“ објасни Папата, „е местото каде што се одвива најдлабокото пребарување, каде што човековиот идентитет ја наоѓа својата длабочина и каде се донесуваат конечните одлуки. Само со враќање во срцето може да се случи вистинско еколошко преобраќање.“
Оваа преобразба, продолжи тој, значи преминување „од собирање податоци кон грижа; од еколошки дискурс кон начин на живот инспириран од верата и љубовта кон Бога“.
Сè е поврзано
Цитирајќи го описот на свети Фрањо Асишки од страна на папата Фрањо, Светиот Отец потсети дека еколошката грижа, правдата за сиромашните, општествената одговорност и внатрешниот мир се неразделни.
Во пресрет на претстојните глобални самити, вклучувајќи ги COP30 и Конференцијата за вода на ОН во 2026 година, Папата ги повика светските лидери да ги чујат повиците на „Земјата и сиромашните, семејствата, домородните народи, принудените мигранти и верниците ширум светот“.
Прашањето што ќе го постави Бог
Завршувајќи го своето обраќање, Папата Лав го постави прашањето:
„Бог ќе нè праша дали сме го чувале и сме се грижеле за светот што Тој го создаде и дали сме се грижеле за нашите браќа и сестри. Кој ќе биде нашиот одговор?“
Ватикан њуз/к.мк