Папа Лав XIV: Светите Фрасати и Акутис нè повикуваат да не го трошиме животот залудно, туку да го претвориме во ремек-дело

Папата Лав XIV на 7 септември 2025 година го предводеше свечениот обред за канонизацијата на двајца млади мирјани. Во својата проповед, тој ја нагласи нивната „љубов кон Исус“ и нивната постојана желба „да дадат сè за Него“. Ова е љубов што се негува со „едноставни средства, достапни за сите“, за да може автентично да се живее „светоста во секојдневието“.
Во недела 7 септември 2025 година, на плоштадот „Свети Петар“, пред повеќе од сто илјади верници, Светиот Отец Лав XIV ги прогласи блажените Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис за светци.
„За чест на Пресветата Троица, за воздигнување на католичката вера и за раст на христијанскиот живот, со власта на нашиот Господ Исус Христос, светите апостоли Петар и Павле и нашата, по внимателно разгледување и постојана молитва за Божја помош, откако го слушнавме мислењето на многу браќа во епископатот, прогласуваме дека блажените Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис треба да се вбројат во светците на Католичката црква и одредуваме да бидат почитувани како светци во целата Црква. Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!“
По читањето на формулата за канонизација и литургиските читања, Папата во својата проповед потсети дека Исус во Евангелието вели дека оној кој не го носи својот крст и не го следи, не може да биде негов ученик:
„Тој нè поканува без двоумење да се впуштиме во авантурата што ни ја предлага, со силата и светлината што доаѓаат од Неговиот Дух, кои можеме да ги примиме до степен до кој се лишуваме од себеси, од работите и идеите за кои сме приврзани, за да го слушаме Неговото слово.
Папата го спомена и Свети Фрањо од Асизи, кој бил млад и богат, жеден за слава и почести:
„Исус му се објавил по патот и го охрабрил да размисли за своите постапки. Кога се освестил, му поставил на Бога едно едноставно прашање: ‘Господи, што сакаш да направам?’ Оттогаш започнал да пишува нова историја: прекрасната историја на светоста што сите ја знаеме. Тој се лиши од сè за да го следи Господ, живеејќи во сиромаштија и избирајќи ја љубовта кон своите браќа и сестри, особено кон најслабите и најмалите, пред златото, среброто и скапоцените ткаенини на својот татко.“
„Во оваа светлина, денес ги гледаме Свети Пјер Џорџо Фрасати и Свети Карло Акутис: млад човек од почетокот на дваесеттиот век и адолесцент од нашето време, двајцата вљубени во Исус и подготвени да дадат сè за Него“, нагласи Папата и продолжи:
Пјер Џорџо го запознал Господ преку училишни и црковни групи – Католичка акција, Конференцијата на Свети Винсент, Третиот ред на Доминиканците – и сведочел за Него преку својата радост во животот и својот христијански начин на живот во молитва, пријателство и љубов.
Животот на Пјер Џорџо и денес е светлина за мирјанската духовност. За него, верата не била приватна побожност. вдахновен од силата на Евангелието и од својата поврзаност со црковните здруженија, тој великодушно се ангажирал во општеството, учествувал во политичкиот живот и се посветил во служба на сиромашните.
Папата спомена дека Карло Акутис го сретнал Исус најнапред во своето семејство, благодарение на неговите родители, потоа во училиштето, а пред сè во Светите Тајни што се славеле во парохиската заедница.
Така растел, природно поврзувајќи ги своето детство и младост со молитва, спорт, учење и дела на милосрдието. И Пјер Џорџо и Карло негувале љубов кон Бога и кон браќата и сестрите преку едноставни средства, достапни за сите: секојдневна света Литургија, молитва, особено евхаристиско обожавање. Друга суштинска практика за нив била честата света Исповед. И двајцата негувале длабока побожност кон светците и кон Пресветата Богородица, и великодушно го практикувале милосрдието.
Еден ден Пјер Џорџо рекол: „Денот кога ќе умрам ќе биде најубавиот ден во мојот живот“; а на својата последна фотографија, на која се гледа како се искачува на планина во Вал ди Ланцо, со лицето свртено кон целта, напишал: „Кон горе“.
Уште помлад, Карло сакал да каже дека рајот секогаш нè очекува и дека да се сака утрешнината значи да се даде најдоброто од себе денес.
Светите Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис се повик до сите нас, особено до младите, да не го трошиме животот залудно, туку да го насочиме кон горе и да го претвориме во ремек-дело. Тие нè охрабруваат со своите зборови: „Не јас, туку Бог“, рече Карло, а Пјер Џорџо: „Ако Бог е во центарот на сите ваши дела, тогаш ќе стигнете до крајот“.
Ова е едноставната, но победничка формула на нивната светост. Тоа е сведоштвото кое сме повикани да го следиме: да го вкусиме животот до крај и да се сретнеме со Господ во небесната слава“, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк