На 8 декември 2025 година, на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица, Папата се поклони пред статуата на Богородица на Пјаца ди Спања во Рим, од каде што се помоли на Богородица.
Во попладневните часови на 8 декември 2025 година, како што е традиција со децении, Светиот Отец пристигна на Пјаца ди Спања, каде што беше пречекан од кардиналот Балтазаре Реина, папски викар за Римската епархија, и од градоначалникот на градот, Роберто Гвалтиери. Папата положи цвеќе пред столбот со ликот на Дева Марија и се помоли.
„Радувај се, Маријо! Радувај се, полна со благодат, со таа благодат која, како блага светлина, ги осветлува оние врз кои се одразува Божјото присуство“, ја започна својата молитва Папата.
Тој ѝ се заблагодари на Безгрешната Марија, Мајка на верниот народ, за „нејзината отвореност го осветлува Рим со вечен сјај, Нејзиниот пат ги исполнува улиците со мирис посилен од цвеќињата што ѝ ги нудиме денес“.
„Многу ходочесници од целиот свет, о, Безгрешна, поминале низ улиците на овој град низ вековите и во текот на оваа Јубилејна година. Искушувано човештво, понекогаш смачкано, како самата земја од која Бог го создал и во која никогаш не престанува да го вдишува својот животворен Дух“, рече Светиот Отец, повикувајќи ја Дева Марија да го сврти својот поглед „кон синовите и ќерките во кои надежта не згаснала“. „Нека растат во нив никулците од она што твојот Син го посеа“, „нека расцвета радосна надеж во Рим и во сите краеви на земјата – надежта на новиот свет што Бог го подготвува“, „преку Светите Врати, нека се отворат сега и други врати – кон домовите, кон оазите на мирот, каде што човечкото достоинство повторно може да цвета, каде што ќе се учи ненасилство, каде што ќе се совлада уметноста на помирувањето“, продолжи Папата со својата молитва.
Молитва на Пјаца ди Спања
„Нека дојде царството Божјо, новоста што толку силно ја посакуваше и на која целосно се предаде – како дете, како млада девојка и како Мајка на новородената Црква. Вдахни ново разбирање во Римските и локалните цркви, кои насекаде ги собираат радостите и надежите, тагите и грижите на нашите современици, особено на сиромашните и на сите што страдаат“, се дел од зборовите на молитвата која ја молеше Лав XIV.
„Нека Крштевањето роди одново свети и беспрекорни мажи и жени, повикани да станат живи членови на Телото Христово – Тело кое дејствува, утешува, помирува и го преобразува земниот град во кој се подготвува Божјиот град. Застапувај се за нас кои се соочуваме со промени кои се чини дека нè наоѓаат неподготвени и немоќни. Вдахни нè со соништа, виденија и храброст – ти која знаеш подобро од кој било дека ништо не е невозможно за Бога, а исто така дека Бог ништо не прави сам“, продолжи Папата со својата молитва.
„Повикај нè на нашето патување, со истата брзина со која некогаш тргна кај твојата роднина Елисавета, и со истата храброст со која тргна во егзил и на ходочестие, за да бидеш благословена меѓу сите жени, првата ученичка на твојот Син, Мајката на Бога кој е со нас“, додаде Папата.
„Помогни ни секогаш да бидеме Црква со народот и меѓу народот, квасец во тестото на човештвото што повикува на правда и надеж. Безгрешна Дево, жено со бескрајна убавина, заштити го овој град, ова човештво. Покажи му го Исус, доведи го кај Исус, запознај нè со Исус“, ја заврши својата молитва Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

