„Осветлени од скриена слава“ е темата за духовните вежби на Папата во Великиот пост

„Осветлени од скриена слава“ е темата за духовните вежби на Папата во Великиот пост

Духовните вежби за Великиот пост за папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и раководителите на ватиканските дикастерии ќе ги води бискупот Ерик Варден, а ќе се одржат од 22 до 27 февруари.

Почетокот на духовните вежби за Великиот пост е закажан за недела, 22 февруари, во 17:00 часот, во Капелата „Свети Павле“ во Апостолската палата, во присуство на папата Лав XIV, кардиналите што престојуваат во Рим и раководителите на ватиканските дикастерии.

Според соопштението објавено од Префектурата на Папскиот дом, годинешните духовни вежби ќе ги предводи бискупот Ерик Варден, цистерцијанец од редот на трапистите и бискуп на Трондхајм во Норвешка, на тема: „Осветлени од скриена слава“.

Две духовни размислувања на ден

Од понеделник, 23 февруари, па сè до завршувањето на духовните вежби на 27 февруари, бискупот Варден ќе одржува по две размислувања дневно: првото во 9:00 часот, на која ѝ претходи молитвата на Часословот, и втората во 17:00 часот, по која следуваат евхаристиско обожавање и Вечерна молитва.

По првото размислување со наслов „Влегување во Великиот пост“, што ќе се одржи во недела, 22 февруари, предвидени се и две размислувања посветени на свети Бернар: „Свети Бернар – идеалистот“ на 23 февруари и „Свети Бернар – реалистот“ на 26 февруари.

Останатите теми на размислувањата се: Божјата помош; Да се ослободиме; Сјајот на вистината; Илјадници ќе паднат; Ќе Го прославам; Божјите ангели; За размислувањето; и завршната медитација Да ја пренесуваме надежта.

Од Норвешка до Радио Ватикана

Бискупот Ерик Варден е роден на 13 мај 1974 година во Сарпсборг, Норвешка (бискупија Осло).

Студирал филозофија и теологија во Кембриџ, каде што докторирал по теологија, како и на Папскиот источен институт во Рим, каде што стекнал магистерска диплома по источни црковни науки.

Во 2002 година влегол во Редот на цистерцијанците траписти, а своите свечени завети ги положил во опатијата „Маунт Сент Бернард“ во Лестершир на 6 октомври 2007 година.

За свештеник е ракоположен на 16 јули 2011 година. Подоцна предавал на Папскиот универзитет „Свети Анселм“ во Рим, истовремено соработувајќи со скандинавската редакција на Радио Ватикана.

Потоа се вратил во опатијата „Маунт Сент Бернард“, каде што ја презел службата Superior ad nutum (од 2013 година). Во 2015 година бил избран за опат на „Маунт Сент Бернард“.

Во 2019 година папата Фрањо го назначил за бискуп на Трондхајм во Норвешка, а за бискуп е хиротонисан во 2020 година.

Од 2023 година ја извршува и должноста апостолски администратор на прелатурата Тромсе, а од 2024 година е претседател на Скандинавската бискупска конференција.

Во 2025 година папата Лав XIV го назначи за член на Дикастеријата за свештенството.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот