„Dilexit nos“, четвртата енциклика на папата Фрањо, ја следи традицијата и актуелноста на размислувањето „за човечката и божествената љубов на срцето на Исус Христос“, во која повикува да се обнови вистинската побожност и да не се заборави нежноста на верата, радоста на посветеноста во служењето и ревноста за посланието: затоа што Срцето Исусово нè поттикнува да сакаме и нè праќа кај браќата.
„Оној, Кој нè возљуби“ вели свети Павле, зборувајќи за Христос (Римјаните 8,37), да откриеме дека „ништо не може да нè оддели“ од таа љубов (Римјаните 8,39). Со тие зборови започнува четвртата енциклика на папата Фрањо, под наслов „Dilexit nos“, посветена на човечката и божествената љубов кон Срцето на Исус Христос: „Неговото отворено Срце ни претходи и нè очекува, без услови и било какви претходни барања, за да можеше да нѐ сака и да ни го понуди своето пријателство: Тој најпрво нѐ засака (сп. 1. Ива 4,10). Благодарение на Исус, и „ние ја познаваме љубовта, која Бог ја има кон нас“ (1. Иван 4,16)“ (1).
Христовата љубов се очитува во Неговото Свето Срце
Во општество – пишува Папата – кое гледа умножување на „разни облици на религиозност без повик за личен однос со Богот на љубовта“ (87), а христијанството често заборава на „нежноста на верата, радоста на посветеното служење, ревноста на посланието од една до друга личност“ (88), папата Фрањо предлага ново продлабочено проучување на Христовата љубов што се очитува во Неговото Свето Срце и нè повикува да ја обновиме таа автентична побожност, потсетувајќи се дека „во Срцето Христово можеме да го најдеме целото Евангелие“ (89): во неговото Срце „конечно се препознаваме себеси и учиме да љубиме“ (30).
Изгледа дека светот го изгуби срцето
Папата Фрањо објаснува дека во средбата со Христовата љубов „ние стануваме способни да создаваме врски со нашите браќа, да го препознаеме достоинството на секој човек и заедно да се грижиме за нашиот заеднички дом“ (217). И пред Срцето Христово моли го Господа „уште еднаш да има сочувство за оваа ранета земја и да ја излие врз неа „своето богатство на светлината и неговата љубов“, така да светот, „кој преживува во војните, нерамнотежата на социо-економските фактори, консумеризмот и античовечката употреба на технологијата, можат да го поправат она што е најважно и неопходно: срцето.“ (31). Документот се објавува за време на прославата на 350-годишнината од првата објава на Срцето Исусово на Света Маргарита Марија Алакок во 1673 година, годишнина која ќе биде затворена на 27 јуни 2025 година.
Важноста на срцето
Поделена во пет поглавја, енцикликата за чествување на Светото Срце Исусово ги спојува, како што беше објавено на 5 јуни, „скапоцените размислувања на претходните научителски текстови и долгата историја која се навраќа до Светото Писмо, со цел денес да го предложи повторно – на целата Црква – овој култ полн со духовна убавина“. Првото поглавје со наслов „Важноста на срцето“ објаснува зошто „во свет каде што сме во искушение да станеме ненаситни потрошувачи, неопходно е „да се вратиме во срцето“(2).
Папата нагласува дека сегашното обезвреднување на срцето „е родено во грчкиот и претхристијанскиот рационализам и во постхристијанскиот идеализам и материјализам“, кои претпочитаа концепти како „разум, волја или слобода“. А не наоѓањето место за срцето, „не е доволна широко развиената идеја за личен центар што може да обедини сè, т.е. љубовта“ (10).
Гестови и зборови на Исусовата љубов
Второто поглавје е посветено на гестовите и зборовите на љубовта Христова, гестови со кои ни го покажува своето пријателство и покажува дека Бог е „близина, сочувство и нежност“. Неговиот поглед им припаѓа на оние кои „сето свое внимание го посветуваат на луѓето“ и нивното страдање. Неговиот најелоквентен збор на љубовта е „закован на крстот“, откако плачеше за својот пријател Лазар и страдаше во Маслиновата градина, свесен за сопствената насилна смрт „од рацете на оние што толку многу ги сакаше“ (46).
Враќање на сржта воплотена во Евангелието
Во третото поглавје со наслов „Ова е срцето што толку многу љубеше“, Папата објаснува дека Христовото срце содржи „тројна љубов“: чувствителната љубов на неговото физичко срце „и неговата двојна духовна љубов, човечка и божествена“ (66), во која го наоѓаме „бесконечното во конечното“ (64). Папата Фрањо, исто така, повикува да ја обновиме побожноста кон Христовото Срце за да се спротивставиме на „новите пројави на „бестелесна духовност“ видливи во општеството“ (87). Што поскоро треба да се вратиме на „сржта воплотена во Евангелието“ (90), кај заедниците и пастирите фокусирани само на надворешни активности, структурни реформи лишени од Евангелието, опсесивни организации, световни проекти и световни размислувања за „предлози кои понекогаш се обидуваме да ги наметнеме на сите“ (88).
Светици и светци, исполнети со „љубов која напојува“
Во четвртото поглавје, „Љубовта која напојува“, папата Фрањо цитира неколку црковни отци кои зборувале за „раната на Исусовата страна како извор на водата на Духот“ која ја гаси нашата жед за Божјата љубов. „Свети Августин го отвори патот за побожноста кон Пресветото Срце како место за лична средба со Господа“ (103). Малку по малку, оваа рана, потсетува Папата, „доби облик на срце“, а спомнува и неколку свети жени кои „ги раскажувале искуствата од средбата со Христа, обележана со спокој во Срцето Господово“ (110).
Објавите на Света Маргарита Марија Алакок
Под влијание на таа духовност, света Маргарита Марија Алакок раскажува за објавите на Исус во Пара-ле-Монијал, од крајот на декември 1673 година до јуни 1675 година. Суштината на пораката што ни ја пренесува може да се сумира во зборовите што ги слушнала света Маргарита: „Еве го Срцето што толку многу ги сакаше луѓето“, сè додека не се исцрпи и истроши за да ја посведочи својата љубов кон нив“ (121). Документот потсетува дека Света Тереза од Лизие го нарече Исус „Оној чие срце чука во склад со нејзиното” (134). Искуствата на Света Фаустина Ковалска, посочува папата Фрањо, укажуваат на побожност со силен акцент „на Божјото милосрдие”. Вдахновен од ова, дури и свети Иван Павле II „интимно го поврза своето размислување за милосрдието со побожноста кон Срцето Христово“ (149).
Зборувајќи за „побожноста на утехата“, енцикликата објаснува дека пред знаците на маките кои го чуваат срцето на Воскреснатиот, неизбежно е „верникот да сака да одговори“ и „на болката што Христос се согласи да ја поднесе со толку голема љубов“ (151). И бара „никој да не се потсмева на изразите на верничкиот жар на светиот и верен Божји народ, кој во својата побожност се обидува да го утеши Христа“ (160).
Побожноста кон Срцето Христово нè праќа кај нашите браќа
Петтото и последно поглавје насловено „Љубов за љубов“ навлегува во заедничката, социјалната и мисионерската димензија на секоја автентична побожност кон Срцето Христово, кое во моментот „не води кај Отецот, нè испраќа и кај нашите браќа. “ (163). Всушност, „братската љубов“ е „најголемиот гест што можеме да му го понудиме и со тоа да возвратиме на љубовта со љубов“ (167). Набљудувајќи ја историјата на духовноста, Папата потсетува дека мисионерските напори на свети Карл де Фуко го нарпави да биде „брат на сите“: „Дозволувајќи да биде обликуван од Христовото Срце, сакаше во неговото братско срце да го прими целото страдално човештво“ (179). Фрањо потоа зборува за „надомест“, како што објаснува свети Иван Павле II: „Принесувајќи се заедно на Срцето Исусово, на урнатините на омразата и насилството може да се гради цивилизација, која толку многу копнее за царството на Срцето Христово“ (182).
Посланието е да се заљуби светот
Енцикликата повторно, со свети Иван Павле II, потсетува дека посветата на Срцето Исусово „треба да се спореди со мисионерското делување на самата Црква“. Следствено, преку христијаните „љубовта ќе се излее во срцата на луѓето, за да може Телото Христово, кое е Црквата, да изгради општество на правда, мир и братство“ (206). За да се избегне големиот ризик, како што нагласи свети Павле VI, дека во мисијата многу се зборува и прави, но нема среќна средба со љубовта Христова“ (208), „ ни се потребни вљубени мисионери, кои сè уште дозволуваат Христос да ги освои“ (209)
Молитвата на папата Фрањо
Текстот завршува со оваа молитва на папата Фрањо: „Го молам Господ Исус од Неговото Свето Срце низ сите нас да потечат реки од жива вода, да ги залечи болните рани што си ги нанесуваме еден на друг, да ја зајакне нашата способност да сакаме и служиме, да нè поттикне да научиме да чекориме заедно кон праведен, солидарен и братски свет, сè до заедничкото славење на гозбата во небесното Царство. Таму ќе биде Воскреснатиот Христос, кој сите наши разлики ќе ги усогласи со светлото кое непрестајно струи од Неговото отворено Срце. Секогаш нека е благословен!” (220).
Ватикан њуз/к.мк