Тројца млади семинаристи од Мексико ова лето волонтираат во еколошкото село „Лаудато Си“ во Кастел Гандолфо, придонесувајќи за остварувањето на сонот за интегрална екологија, кој го започна папата Фрањо, а денес го продолжува Светиот Отец папа Лав XIV.
Селото „Лаудато Си“ претставува вистински еколошки рај што се протега на 55 хектари, сместено во рамките на Папските вили во Кастел Гандолфо. Покрај градинарите, водичите и одговорните лица за одржување, тројцата семинаристи – Порфирио, Серхио и Израел – ова лето несебично го посветуваат своето време во служба на овој ридски град.
Доаѓајќи од различни епархии во Мексико, овие идни свештеници се сведоштво за младешкото лице на Црквата и жив израз на христијанската надеж.
Тројцата семинаристи, кои волонтираат во „Борго Лаудато Си“, ќе поминат еден месец таму, како дел од нивната формација. Нивното секојдневие не е обележано од ѕвона и строги распореди; денот започнува секогаш кога и каде што е потребно – било во утринска грижа за градините или во дочек на посетителите на оваа „жива лабораторија“ на енцикликата Laudato si’.
„Ова е навистина непроценливо искуство во мојата свештеничка формација“, вели Порфирио Рамирез Мендез, семинарист од Надбискупијата Хуахуапан де Леон, државата Оахака. „По долгиот период кога беше затворено, сега ова место е отворено за јавноста. Тоа е вистински благослов.“
Селото, со 35 хектари градини и 20 хектари обработлива земја, претставува многу повеќе од зелена оаза – тоа е центар за формација во духот на интегралната екологија и христијанското братство. Тука не се одгледуваат само растенија – туку се садат вредности и се негува култура на грижа и почит кон севкупниот живот.
Серхио Камариљо Гамез, 27-годишен семинарист од Надбискупијата Пуебла, го опишува ова место како „практично училиште на Евангелието“: „Помагаме во градините, во чистењето на фонтаните, во пречекот на посетителите, и во секојдневните задачи што го одржуваат ритамот на животот овде.“
Особено значаен миг во неговиот престој било учеството на света Литургија со Светиот Отец, искуство кое го опишува како „вистински дар од Бога“ и незаборавен момент на неговиот духовен пат.
Продолжување на визијата на папата Фрањо
Папата Лав XIV, во духот на својот претходник, на 9 јули служеше света Литургија за грижата за созданието во Градината Мадонина. Во својата проповед, Светиот Отец упати повик до сите верници:
„Во овој прекрасен ден, пред сè, ги поканувам сите – и себеси – да го живееме она што го славиме во убавината на оваа ‘природна катедрала’. Литургијата е живот, а вие сте животот на овој центар ‘Лаудато Си’. Ви благодарам за сè што правите, вдахновени од возвишената визија на папата Фрањо, кој му ја довери на овој мал агол мисијата за грижа за создаденото – нашиот заеднички дом. Ова е задача што ја продолжуваме со сета сериозност и љубов, десет години по објавувањето на енцикликата Laudato si’.“
Ова е само почетокот…
Хесус Израел Агире Легарија, 24-годишен семинарист, исто така од надбискупијата Хуахуапан де Леон, сведочи дека нивната служба во селото е вистински дар од Бога. „Работата тука опфаќа многу работи: грижа за созданието, помош при литургиските прослави, добредојде на посетителите… Ова е начин на живеење на интегралната екологија за која Папата постојано нè повикува“, објаснува тој.
Израел истакнува дека проектот е дури на самиот почеток. Тој сонува да дојдат многу повеќе семинаристи – не само за да служат литургиски, туку и за да се изградат како луѓе, како добри домоградители на созданието и како членови на црковната заедница.
Како што замислил папата Фрањо, селото „Лаудато Си“ не е само простор – тоа е преобразувачко искуство. А овие тројца млади Мексиканци веќе го садат семето на надежта, кое, со Божја благодат, ќе даде изобилен плод за доброто на целата Црква.
Ватикан њуз/к.мк