Обновена надеж кај студентите во Камерун по посетата на папата Лав XIV

Обновена надеж кај студентите во Камерун по посетата на папата Лав XIV

Посетата на папата Лав XIV на Католичкиот универзитет во Централна Африка во Јаунде внесе нова надеж и охрабрување меѓу младите во Камерун. На последниот целосен ден од неговиот престој во земјата, Светиот Отец беше пречекан со голем ентузијазам од студентите, професорите и монасите и монахињите, кои со песни, танци и ватикански знамиња ја изразија својата радост поради неговото доаѓање.

На свечениот настан, одржан во петокот на 17 април, присуствуваа околу 8.000 луѓе. Просторот околу павилјонот беше исполнет, а голем број студенти се собраа и на тревните површини во непосредна близина. Атмосферата беше исполнета со радост, но и со силно чувство дека оваа средба носи важна порака за иднината на младите во Камерун.

Во разговор за Vatican News, студентката Хулкау Иклау Нина Амандин Ладус, која магистрира по медицински науки, рече дека за неа било голема чест да го види Папата, кого го доживува како личност испратена од Бога. Таа објасни дека по завршувањето на магистерските студии сака да продолжи со докторска програма, со цел да придонесе во развојот на медицинските науки преку истражување, лидерство и предавање. Иако сонува еден ден да стекне искуство во странство, таа ја поддржа пораката на папата Лав XIV младите да станат „протагонисти на иднината“ во својата татковина. Според неа, вистинскиот пат е стекнатото знаење надвор повторно да се врати и да се примени во Камерун.

Пораката на Папата силно одекна и кај поранешните студенти. Сестра Серафина Гонг Нсен, која пред неколку години студирала биохемија и фармацевтски науки, изјави дека посетата на Светиот Отец разбудила нова надеж кај многу млади луѓе. Според неа, голем број студенти се образуваат без јасна визија за иднината, а зборовите на Папата помогнале повторно да се разбуди чувството за цел и одговорност.

Во истиот контекст, сестра Марија де Лурдес Лопез Мунгија посочи дека невработеноста кај младите е еден од најголемите проблеми во Јаунде. Таа нагласи дека многу млади, и покрај образованието, остануваат без работа и без сигурна перспектива. Токму затоа, пораките на папата Лав XIV за надеж, образование и служење добиваат уште поголемо значење.

Во оваа атмосфера, посетата на Папата беше доживеана како силен духовен и општествен поттик. За многумина, таа претставуваше повик младите во Камерун да гледаат кон иднината со поголема храброст, одговорност и вера.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот