Надбискупот Галагер: Мора да се бориме против сите форми на насилство врз жените и девојките

Заменик-секретарот за односи со државите и меѓународните организации одржа говор во Обединетите нации на триесетгодишнината од Пекиншката декларација. И покрај значителниот напредок, дискриминацијата на работното место и пречките за пристап до образование и здравствена заштита остануваат високи. Државите мора да се обврзат на заштита на почитта и достоинството и на отфрлање на лажни решенија како абортусот.
Државите треба да ги исполнат своите обврски за да обезбедат еднаквост на жените и почитување на нивното од Бога дадено достоинство. На тоа повика надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар на Светиот Престол за односи со државите и меѓународните организации, во изјавата дадена на 22 септември 2025 година во Обединетите нации во Њујорк, за време на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените, одржана во Пекинг во септември 1995 година. И покрај значителниот напредок во прашањата што се однесуваат на достоинството на жените и на целосното почитување на нивните основни човекови права, одредени прашања од Пекиншката декларација и Платформата за акција остануваат нерешени: високите стапки на екстремна сиромаштија, пречки за пристап на жените до квалитетно образование или исклучувањето од него и пониските плати во нивните професии. Овие услови го попречуваат целосното остварување на еднаквото достоинство на жените и нивната способност да го реализираат својот потенцијал во сите области од животот – нагласи надбискупот Галагер.
Секоја форма на насилство е неприфатлива
Светиот Престол изрази длабока загриженост за зголеменото насилство врз жените и девојките, што претставува повреда на нивното достоинство и сериозна неправда, без разлика дали се случува во домот, во време на вооружени конфликти или при трговија со жени. Оваа злоупотреба е дополнително поттикната од развојот на технологијата. Насилството опфаќа и практики на пренатална селекција на пол и убивање на женски новороденчиња. Овие дела, осудени во Пекиншката декларација и во Платформата за акција, предизвикуваат смрт на милиони исчезнати девојчиња секоја година. Секоја форма на насилство врз жените и девојките е неприфатлива и потребно е да се води борба против неа – нагласи секретарот за односи со државите и меѓународните организации.
Нееднаквост во здравствената заштита
Покрај физичкото насилство, жените и понатаму страдаат од нееднаква здравствена заштита. Иако е докажано дека стапките на мајчинска смртност се намалени, не е постигнат значителен напредок во оваа област. Потребно е да се зголеми пристапот до пренатална грижа и до квалификуван здравствен персонал, како и до здравствени системи и инфраструктура, и да се отфрлат лажни решенија како абортусот. Заштитата на правото на живот е суштинска, бидејќи претставува темел на сите други основни права.
Во заклучок, иако призна дека клучните прашања што ги поттикна Пекинг во корист на жените останаа занемарени, надбискупот Галагер изрази надеж дека меѓународната заедница нема да го насочи вниманието кон спорни теми што не придонесуваат суштински за доброто на жените.
Ватикан њуз/к.мк