Преку Светата врата на базиликата Свети Петар во Ватикан од отворањето на Јубилејната година на 24 декември 2024 година до 6 јануари 2025 година, поминаа повеќе од половина милион ходочесници, објавено е на официјалната веб-страница за Јубилејот.
Две недели по свеченото отворање на редовниот Јубилеј 2025 година, низ Светата врата на базиликата Свети Петар во Ватикан поминаа 545.532 ходочесници од целиот свет. Стотици групи верници веќе го завршија своето ходочестие, почнувајќи со јубилејниот крст на чело од новообновениот Плоштад Пиа, преку Виа дела Кончилиjационе па сè до базиликата.
Пропрефектот на Дикастеријата за евангелизација на кој му е доверена организацијата на Јубилејот, монс Рино Физикела, коментира дека тоа е „многу значаен почеток. Групите кои поминуваат на Виа дела Кончилиjационе даваат важно сведоштво, а исто така е знак за големата перцепција за безбедност и заштита што ја доживуваат ходочесниците во градот Рим и во близина на четирите Pапски базилики“. Како што наведуваат на официјалната страница за Јубилејот, со ова продолжува „блиската соработка на Светиот Престол и Дикастеријата со италијанските и ватиканските безбедносни сили и со Римската префектура“.
Со оглед на бројките од првите денови, се очекува постојано зголемување на бројот на ходочесниците. „Се разбира, во првите две недели имаше одредени потешкотии во управувањето со тековните работи кои треба да се проценат со текот на времето, но Дикастеријата работи неуморно за да обезбеди добредојде на ходочесниците и искуство што ќе ги оправда нивните очекувања“, рече монс. Пропрефект.
Од 5 јануари, со отворањето на Светите врати на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, верниците ќе можат да поминат низ сите четири Свети врати на римските Папски базилики. За ходочестие до Светата врата, поради долгите редови верници, потребно е однапред да се резервира пристигнувањето преку веб-страница за Јубилејот.
Првиот голем настан на Светата година ќе биде Јубилејот на светот на комуникациите и ќе се одржи од 24 до 26 јануари. По тој повод во Рим се очекуваат илјадници новинари, експерти и комуникациски работници од целиот свет.
Ватикан њуз/к.мк