Папата Лав XIV служеше света Литургија на гробиштата Верано во Рим по повод Споменот на сите верни починати и потсети дека нашата врска со починатите не се прекинува, туку се преобразува преку верата во Христос.
Папата Лав XIV во понеделник, 2 ноември 2026 година, ги посети римските гробишта Кампо Верано, каде што служеше света Литургија по повод Споменот на сите верни починати.
Во својата проповед Светиот Отец потсети на тесната поврзаност со празникот Сите Светии, кој се слави на 1 ноември и кој, како што рече, „ѝ дава насока на нашата молитва“.
„Се обраќаме кон нашиот Отец небесен, молејќи светоста и блаженството, во кои веќе уживаат толку многу Негови синови и ќерки, да ги опфати душите на сите оние кои почиваат во мир“, рече Папата.
Тој потсети на ветувањето за спасение содржано во Светото Писмо, кое нè уверува дека душите на праведниците се во Божји раце.
Божјите татковски и верни раце, рече Папата, ги чуваат за вечноста, за тие целосно да можат да учествуваат во животот и заедништвото што Господ му ги ветува на својот народ.
Папата Лав XIV истакна дека нашата молитва е упатена до Бога со надеж починатите да бидат примени во вечното заедништво на животот што Тој го ветува.
Осврнувајќи се на Евангелието, Светиот Отец рече дека Блаженствата претставуваат еден вид „автопортрет на Исус“, кој самиот Христос им го нуди на своите ученици.
„Блаженствата се патот до полн и исполнет живот, и сега и во вечноста“, нагласи Папата.
Посебно се задржа на блаженството „Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат“, повикувајќи на молитва за сите кои неодамна изгубиле сакана личност, а особено за оние чии блиски им биле одземени поради бесмисленото насилство на војната.
Папата се помоли нивните солзи „да ја допрат совеста на оние кои имаат моќ да го замолкнат оружјето“.
На крајот од проповедта Папата потсети и на зборовите на свети Фрањо Асишки од „Песната на созданијата“, во која тој ја нарекува смртта „сестра телесна смрт“ и блажени оние кои таа ќе ги затекне во исполнување на Божјата волја.
Светиот Отец ги охрабри верниците со пораката дека верата во Христос ни покажува оти врската со нашите починати не е прекината, туку преобразена“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

