Папата Лав XIV ја објави својата молитвена накана за месец јули и ги повика католиците да се молат за почитување на човечкиот живот, за сите да можат да ја препознаат и заштитат единствената и неповторлива вредност на секое човечко битие.
Во четврток, 2 јули 2026 година, беше објавено месечното видео „Молете се со Папата“, кое го подготвува Папската светската молитвена мрежа.
Во својата молитва, Папата потврдува дека Господ го создал секој човек од љубов и го повикал да живее во полнота.
„Секоја личност е свет дар што го одразува Твоето лице“, рече тој, „од првиот момент на постоењето до последниот здив на земниот пат.“
„Денес“, продолжи Папата, „се молиме за милост да ја препознаеме и заштитиме единствената и неповторлива вредност на секое човечко суштество.“
Да го прифатиме животот безусловно
Папата изрази желба да научиме безусловно да го прифаќаме животот, нежно да се грижиме за човечката кревкост, со почит да ја придружуваме секоја животна фаза и храбро да ги браниме оние што немаат глас.
Папата Лав го замоли Господ да ни прости кога паѓаме во рамнодушност или во култура на отфрлање, и кога не успеваме во другиот да препознаеме битие достојно за љубов.
„Дај ни ново срце, секогаш подготвено да го избере животот“, рече тој, „и великодушни раце што го штитат преку конкретни дела.“
Папата се помоли Господ да ѝ помогне на Својата Црква да стане жив сведок на Евангелието на животот, отворен дом во кој секој живот се слави, каде што никој не се чувствува непосакуван и каде што достоинството секогаш се почитува и заштитува.
На крајот, папата Лав Го замоли Господ Исус да ни помогне да го љубиме животот како што Тој го љуби, со нежност, верност и самодарување.
„Да навестуваме, со зборови и дела“, рече тој, „дека секој човечки живот е вреден за целосниот дар од нас самите.“
Папската светската молитвена мрежа
Папската светската молитвена мрежа е основана во 1844 година како Апостолат на молитвата и е папско дело доверено на Исусовото Друштво.
Во декември 2020 година, папата Фрањо ја основа оваа папска установа како ватиканска фондација, а нејзините конечни статути беа одобрени во јули 2024 година.
Мрежата е присутна во повеќе од 92 земји и создава духовна заедница од над 22 милиони луѓе што се стремат секој ден да го живеат со расположливост за Божјата мисија.
Во средиштето на нејзината мисија се месечните молитвени накани на Папата, преку кои верниците се повикуваат да се насочат кон итните предизвици со кои се соочуваат човештвото и мисијата на Црквата.
Ватикан њуз/к.мк

