Молитвената накана на Папата за октомври: „За пасторалната грижа за менталното здравје“

Молитвената накана на Папата за октомври: „За пасторалната грижа за менталното здравје“

Папата Лав XIV ја посвети својата молитвена накана за октомври на пасторалната грижа за менталното здравје, повикувајќи ја Црквата да слуша без осудување и да ги придружува оние што страдаат, без да ги исклучува.

 

Папата Лав XIV го објави видеото „Моли се со Папата“, посветено на неговата молитвена накана за октомври 2026 година: „За пасторалната грижа за менталното здравје“.

Во видеото, подготвено од Светската молитвена мрежа на Папата, Светиот Отец се моли Црквата да биде „отворен дом“, во кој луѓето што се соочуваат со тешкотии поврзани со менталното здравје ќе најдат прифаќање, достоинство и надеж.

Држејќи слика на света Димфна, заштитничка на луѓето што страдаат од ментални нарушувања и на професионалците кои работат во областа на менталното здравје, Папата Му се обраќа на „Богот на животот“, Кој ги познава најдлабоките делови од нашите срца и „тивките рани што понекогаш никој не ги гледа“.

„Денес пред Тебе ги принесуваме нашите браќа и сестри кои се соочуваат со тешкотии во менталното здравје, кои во осаменост страдаат од анксиозност, депресија или некое друго ментално заболување“, се моли Папата.

Папата Лав бара прошка за моментите кога христијаните го свртеле погледот настрана, придонесувајќи за стигматизацијата и дискриминацијата на луѓето со ментални заболувања.

Тој се моли Црквата да стане „безбедно место во кое секој има свое место, заедница која придружува и никогаш не исклучува, која слуша без да осудува и се приближува без страв“.

Папата потсетува и на сите што се грижат за овие лица, меѓу кои професионалците, членовите на семејствата и волонтерите, молејќи Го Бога да им дарува сила и сочувство.

„Испрати го врз нас Твојот Дух, за да научиме да ја прифаќаме и вклучуваме грижата за менталното здравје во животот и пасторалното дејствување на нашите заедници и на целата Црква“, се моли Папата на крајот, „и така да станеме жив знак на Твојата милост, која никогаш не напушта и секогаш обновува“.

Придружување без осудување

Според соопштението што ја придружува молитвената накана на Папата, повеќе од една милијарда луѓе ширум светот живеат со некакво ментално нарушување, додека јавните средства наменети за менталното здравје сочинуваат едвај околу два проценти од здравствените буџети.

Отец Кристобал Фонес, меѓународен директор на Папската светска молитвена мрежа, истакнува дека многу луѓе кои се соочуваат со ментални заболувања чувствувале дека не можат отворено да зборуваат за својата состојба или, пак, се соочиле со осудување и неразбирање.

„Затоа, како Црква, се обединуваме за да ги отвориме нашите срца кон оваа реалност и во текот на целиот месец заедно да се молиме за сите нив, како и за оние што ги придружуваат“, рече тој.

Во соопштението се истакнува и работата на католичките служби за ментално здравје, универзитетите, парохиите и групите за поддршка, кои веќе ги придружуваат луѓето што се соочуваат со вакви тешкотии и нивните семејства.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот