Молитвена накана на епископот Стојанов за месец октомври

Молитвена накана на епископот Стојанов за месец октомври

За мисионерскиот повик на секој крстен

Во месец октомври, посветен на мисиите, да се молиме секој крстен да го открие својот повик да го навестува Христос.

Исус им вели на Своите ученици: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Мaрко 16,15). Овој повик, секако, се однесува на свештениците, монасите и мисионерите, но истовремено е упатен и до секој што преку Крштението станал Христов ученик.

Вториот ватикански собор нè потсетува дека „Црквата по својата природа е мисионерска“ (сп. Ad gentes, 2). Папата Фрањо се надоврзува во Evangelii gaudium нагласувајќи дека врз основа на Крштението сите членови на Божјиот народ стануваат „мисионерски ученици“ и секој што е крстен треба да учествува во навестувањето на Евангелието. Верата не е приватна работа, ниту пак треба да ја чуваме само за себе. Ако сме го запознале Христос и сме ја искусиле Неговата љубов, повикани сме таа радост да ја споделиме и со другите.

За да бидеме дел од мисионерското послание на Црквата не мора да одиме некаде далеку, затоа што мисијата започнува таму каде што сме: во семејството, во парохијата, на работното место, во училиштето и меѓу луѓето што ги среќаваме секој ден. Понекогаш е доволен утешен и охрабрувачки збор или едноставно храброст да кажеме дека веруваме во воскреснатиот Христос.

Да го молиме Светиот Дух да нè ослободи од стравот и рамнодушноста и да ни даде храброст да го навестуваме Евангелието.

Во овој месец да си поставиме конкретно прашање: На кого можам денес да му го доближам Христос?

Пресвета Богородица, Царица на мисиите, нека нè придружува за да можеме со радост да го навестуваме Христос на другите.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот