Молитвена накана на епископот Стојанов за август 2026: За оние кои ја бараат смислата на животот и се чувствуваат далеку од Бога
Летниот период е време за одмор на телото, но и благословена можност за обнова на душата. Кога ќе ги оставиме малку настрана секојдневните обврски, полесно можеме да застанеме пред Бога, да го преиспитаме својот живот, да ги обновиме односите со семејството, роднините и пријателите, а пред сè да го обновиме својот однос со Господ.
Во месецот август ве повикувам нашата заедничка молитва да ја посветиме на сите луѓе кои ја бараат смислата на животот, особено на оние кои се чувствуваат далеку од Бога, разочарани, осамени или несигурни. Да молиме Господ да ги просветли нивните срца со светлината на Евангелието, да им дарува надеж и храброст да продолжат да Го бараат Оној, Кој прв нè побара нас и Кој никогаш не престанува да го бара човекот.
Христос вели: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Иван 14,6), а исто така нè потсетува: „Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“ (Лука 19,10). Затоа да молиме сите што искрено ја бараат вистината да Го сретнат Христос и во таа средба да ја откријат вистинската радост и мирот на срцето. Како што вели свети Августин: „Немирно е нашето срце додека не почине во Тебе, Господи.“
Да молиме и ние, со нашиот живот, да бидеме сведоци и орудија на Божјата близина за оние што се оддалечиле или го изгубиле патот. Пресвета Богородица нека ги води кон својот Син сите што искрено Го бараат.

