Света Мајка Тереза, католичка монахиња е родена на 26 август 1910 година во Скопје, од Никола и Драна Бојаџиу, како Агнеса Гонџа Бојаџиу.
Својот живот го посвети на отфрлените и сиромашните во Индија. За својата работа со најсиромашните доби бројни признанија, меѓу кои и Нобеловата награда за мир во 1979 година. За блажена беше прогласена во 2003 година, а за светица во 2016 година.
Во продолжение пренесуваме што порачува Мајка Тереза за абортусот:
„Како да ја убедиме жената да не направи абортус? Како и секогаш, треба да убедуваме со љубов и да се потсетиме дека љубовта значи да бидеме подготвени да се даруваме до болка. Исус го даде и Својот живот од љубов кон нас.
Затоа, на мајката која размислува за абортус треба да ѝ се помогне да љуби, односно во љубовта што љуби до болка, да се откаже од своите планови, од своето слободно време, за да го почитува животот на своето дете. Таткото на тоа дете, кој и да е, исто така треба да се откаже од сè и да љуби до болка.
Кога се одлучуваат за абортус, мајките не се учат да љубат, туку го убиваат сопственото дете за да ги решат своите проблеми. А преку абортусот на татковците им се покажува дека не мора да ја преземат одговорноста за детето што го донеле на свет. Таквиот маж веројатно ќе изложи и други жени на истата неволја.
Затоа абортусот води само кон уште повеќе абортуси. Секоја земја што го прифаќа абортусот не ги учи своите жители да љубат, туку да користат какво било насилство за да го добијат она што го сакаат. Токму затоа најголемиот уништувач на љубовта и мирот е абортусот.“
ХКМ/к.мк

