Лав XIV: Политиката не е професија, туку послание во служба на вистината и доброто

Лав XIV: Политиката не е професија, туку послание во служба на вистината и доброто

Во своето обраќање до парламентарците од 68 земји, собрани во Салата на благословите по повод Јубилејот на владетелите, Папата потсети на нивната задача: да го штитат општото добро, да ја гарантираат верската слобода и да дадат одговор на современите предизвици – особено на вештачката интелигенција, која, како што истакна, мора да биде „инструмент во служба на доброто на човекот“. Како пример и vdahnovenie  го посочи Свети Тома Мор, „маченик за слободата и приматот на совеста“.

Својот говор, Папата го започна на англиски јазик, цитирајќи го Пиј XI, кој ја нарекува политичката акција „највозвишена форма на љубов“, и потсети на енцикликата Fratelli tutti, каде што таа се опишува како „дело на христијанската љубов, која никогаш не останува теоретска, туку секогаш станува знак и конкретно сведоштво за Божјото дејствување во корист на човекот“, особено кога се врши во служба на општеството и за доброто на сите.

Во тој дух, рече Светиот Отец, сакам утрово со вас да споделам три размислувања што ги сметам за суштински во современиот културен контекст.

Првото се однесува на задачата што ви е доверена: да го промовирате и штитите општото добро, надвор од секој личен интерес, особено во заштита на најранливите и најмаргинализираните. Ова, конкретно, значи да се работи на надминување на неприфатливата нееднаквост меѓу богатството што го поседуваат малкумина и сиромаштијата што ја трпат многумина. „Оние што живеат во крајни услови го креваат својот глас за да бидат slušnati, но премногу често не наоѓаат уши подготвени да ги слушнат“ (види Лав XIII, енциклика Rerum Novarum, 15 мај 1891, бр. 1).

Светиот Отец нагласи дека оваа нерамнотежа создава состојби на постојана неправда, кои лесно водат до насилство, а понекогаш и до трагедија на војна. Наспроти тоа, добрата политичка акција, преку промовирање на праведна распределба на ресурсите, може да понуди вистинска служба за општествена и меѓународна хармонија и мир.

Второто размислување на папата Лав XIII се однесува на верската слобода и на меѓурелигискиот дијалог. „Дури и на ова поле, кое денес станува сè поактуелно, политичкото делување може значајно да придонесе во создавањето услови за вистинска верска слобода, како и за развој на конструктивна средба со почитување меѓу различните верски заедници. Верата во Бога, со позитивните вредности што произлегуваат од неа, претставува неисцрпен извор на добрина и вистина во животот на поединецот и на заедницата“, нагласи Светиот Отец.

Во тој контекст, тој се повика на Свети Августин, кој зборува за преобразбата на човекот од amor sui – себична љубов затворена во себе, што води кон распад – кон amor Dei – несебична љубов втемелена во Бога, која го поттикнува човекот на дарување на себе. Оваа преобразба ја опишува како клучен елемент во градењето на civitas Dei, односно на општество во кое милосрдието претставува врховен закон (сп. De civitate Dei, XIV, 28).

„Поради тоа“, продолжи Римскиот епископ, „во политичкото дејствување, наместо однапред да се исклучува секое размислување за трансцендентното, корисно е токму во него да се бара она што ги обединува сите луѓе. Во таа насока, суштинска референтна точка е природниот закон – закон кој не е напишан од човечка рака, но кој се препознава како универзално важечки во сите времиња, и кој ја наоѓа својата најдлабока и најубедлива форма токму во природата на човекот“.

Папата додаде дека „природниот закон, кој важи универзално, над и независно од сите други убедувања од поконтроверзна природа, претставува компас според кој се ориентираме во законодавството и општественото дејствување, особено кога станува збор за чувствителни етички прашања, кои денес се поставуваат со поголема интензивност отколку во минатото, допирајќи ја и сферата на личното откровение“.

Светиот Отец се осврна и на Универзалната декларација за човекови права, одобрена и прогласена од Обединетите нации на 10 декември 1948 година. Тој рече дека слушнал дека „таа веќе претставува дел од културното наследство на човештвото. Овој документ, кој и денес е актуелен, може значајно да придонесе кон поставување на човечката личност – во нејзиниот неповредлив интегритет – во срцето на потрагата по вистината, со цел да се врати достоинството на оние кои не се чувствуваат почитувани во своето најдлабоко битие и во потребите на сопствената совест“.

Во третото размислување, Папата зборуваше за предизвиците поврзани со вештачката интелигенција, истакнувајќи: „Цивилизациското ниво што денес го достигнавме, заедно со целите на кои мораме да одговориме, се соочува со голем предизвик во развојот на вештачката интелигенција. Тоа е развој што може да биде навистина корисен за општеството, сè додека неговата примена не доведе до поткопување на идентитетот и достоинството на човечката личност и не ги загрози нејзините основни слободи“.

„Особено не смееме да заборавиме дека вештачката интелигенција треба да служи како инструмент за доброто на човекот, а не средство за негово омаловажување или средство што ќе го предодредува неговиот пораз“, истакна Лав XIV. И додаде: „Личниот живот е поблагороден од кој било алгоритам, а општествените односи имаат потреба од човечки простор – простор што далеку ги надминува ограничените обрасци кои секоја бездушна машина може однапред да ги генерира.“

„Да не заборавиме дека, и покрај способноста да складира милиони податоци и за неколку секунди да понуди одговори на бројни прашања, вештачката интелигенција поседува само статичка ’меморија‘, која не може да се спореди со меморијата на човекот – мажот и жената – што е креативна, динамична и генеративна, способна да ги поврзе минатото, сегашноста и иднината во живо и плодно барање на смислата. Тоа барање секогаш вклучува длабоки етички и егзистенцијални последици“ (сп. Папа Фрањо, Обраќање на сесијата на Г7 за вештачка интелигенција, 14 јуни 2024).

Папата потсети дека „политиката не смее да остане рамнодушна пред предизвик од вакви димензии. Напротив, таа е повикана да одговори на гласот на многу граѓани кои со доверба, но и со загриженост, ги набљудуваат предизвиците што ги носи новата дигитална култура.“

Лав XIV се повика и на Свети Иван Павле II, кој по повод Јубилејот од 2000 година им го предложи на политичарите Свети Томас Мор како сведок кон кого треба да се обратат и како заштитник под чие застапништво треба да ги доверат своите напори. „Свети Томас Мор беше човек верен на својата граѓанска должност и совршен слуга на државата токму поради својата вера. Таа вера го научи да ја разбира политиката не како професија, туку како послание – служење на вистината и доброто. Тој своето јавно дејствување го стави во служба на човекот, особено на оние слаби и сиромашни.“

„Храброста со која не се двоумеше да го жртвува сопствениот живот само за да остане верен на вистината, го прави – и денес – маченик за слободата и првенство на совеста. Неговиот пример нека биде извор на вдахновение и творечки поттик за секого од вас“, ги охрабри Светиот Отец на крајот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот