Конзисториумот во третата сесија ја истакна евангелската надеж како противотров на индивидуализмот

Конзисториумот во третата сесија ја истакна евангелската надеж како противотров на индивидуализмот

За време на третата сесија на Вонредниот конзисториум, кардиналите размислуваа за мисијата на Црквата да го поттикнува доброто и да го гради општеството.

Прес-службата на Светиот Престол објави детали од третата сесија на Вонредниот конзисториум, одржана во сабота наутро, 17 јуни 2026 година во салата „Павле VI“.

Денот започна со света Литургија во базиликата „Свети Петар“, која ја предводеше кардинал Џовани Батиста Ре, декан на Кардиналскиот колегиум.

На средбата во салата „Павле VI“, папата Лав XIV заедно со кардиналите ја молеше молитвата Adsumus.

Утринската сесија ја модерираше кардинал Протасе Ругамбва, надбискуп на Табора во Танзанија.

Тој, во името на Папата, му се заблагодари на Кардиналскиот колегиум за зборовите на поддршка за неговите повици за мир и ги поттикна кардиналите тие повици да ги направат уште поефикасни, преземајќи одговорност за нив во своите бискупии и региони. Така, рече тој, може да се издигне заеднички повик што ќе даде уште поголема сила на ова заедничко залагање.

Потоа збор зеде кардинал Стивен Брислин, надбискуп на Јоханесбург во Јужна Африка, кој го претстави воведниот извештај на тема „Да се гради во доброто, работилиштата на нашето време“.

По време за молитва и тишина, кардинал Ругамбва ја отвори работата во групи, а враќањето на пленарната седница, по паузата, беше закажано за 11.30 часот.

Папата, кој присуствуваше на почетокот на сесијата, се врати пред групните извештаи.

Во салата извештај поднесоа единаесет групи, осум од првиот круг и три од вториот.

Голем број групи своето размислување го насочија кон големите поделби на нашето време, меѓу народите и државите, во самите општества и во семејствата. Тие посочија дека овие поделби создаваат рани, особено кај најсиромашните, најслабите, кај младите што немаат чувство за новоста и кај возрасните што останале без мудроста на годините.

Многу извештаи ја истакнаа опасноста од недостиг на смисла, вистински односи и идентитет, што ги турка луѓето кон племенски начин на размислување. Сите ја нагласија улогата на претераниот индивидуализам, кој создава илузија дека другите постојат за нашиот личен успех.

Во овој контекст, предизвикот на вештачката интелигенција се појавува како антрополошко прашање што треба да се разгледува преку препознавање заеднички човечки вредности.

Тие вредности започнуваат од повикот живите битија да се именуваат, а не да се сведуваат на бројки и статистики. Исто така, тие вклучуваат прифаќање на човечката ограниченост, која вештачката интелигенција често ја потиснува, како и одбрана на достоинството на трудот.

Во оваа рамка, многу групи зборуваа за вредноста на општото добро како нешто што е тешко да се прифати и разбере, а што политиката често не го бара. Тие забележаа дека за тоа е потребен јазик на срцето, способен да ги надмине конформизмот, корупцијата и чувството на неможност што се раѓа од свеста дека сопственоста и ресурсите потребни за остварување на општото добро се во рацете на малкумина.

Многу групи потврдија дека чувството за општото добро извира од верата, верата во Бога и во надминливата димензија присутна во секој човек. Таа вера го води човекот да ги надминува сите граници, почнувајќи од границата на сопственото „јас“, да живее солидарно со сиромашните како одговор на индивидуализмот, целосно да ја живее католичноста, да гради бесплатни односи, а не само институции, и да бара јазик способен за дијалог со средини далечни од христијанската вера.

Во таа смисла, улогата на политиката е суштинска. Исто така важна е и посветеноста на црковните институции во формирањето на идните јавни службеници, за Социјалната наука на Црквата да биде познато и проучувано како лек за поделбите.

Многу групи се согласија дека противотровот на индивидуализмот и поделбите е Евангелието. Црквата треба да нуди чувство на припадност, тогаш е способна да ги лекува раните на нашето време и да се обновува, избегнувајќи облици на интегрализам и поларизација. Тоа е Црква што го покажува своето самарјанско лице, со христијани кои не се набљудувачи на општественото распаѓање, туку мудри градители што повторно го обновуваат градот на сите.

Во оваа рамка, знак на надеж е сознанието дека истите предизвици се среќаваат во многу области и во многу делови од светот, и дека заедништвото со Христос го ослободува човекот од претераната загриженост за тоа што мислат другите.

Во таа смисла, различни групи ја нагласија вредноста на синодалноста како пат на слушање и дијалог, но и како пат на црковна одговорност.

На крајот од извештаите, беше оставено време за излагања на неколку кардинали, кои ги обработија темите на сесијата на поличен начин. Други изразија благодарност до Папата за неговите неодамнешни апостолски патувања и за неговата посветеност на мирот.

Сесијата заврши во 12.45 часот со молитвата Ангел Господов, која ја предводеше Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот