Кардиналот Зупи ја заврши мисијата во Украина, ќе се вложи секој напор за мир

Кардиналот Зупи ја заврши мисијата во Украина, ќе се вложи секој напор за мир

Кардинал Матео Зупи на 16 јули 2026 година, се врати во Рим по четиридневната посета на Украина. По прославата на Денот на украинската државност, претседателот на Италијанската бискупска конференција се сретна со министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и со други официјални претставници. Разговорите беа посветени на воените заробеници, враќањето на украинските деца, хуманитарната помош и барањата на семејствата на притворените лица кардиналот да ги посети затворите во Русија.

Кардинал Матео Марија Зупи се врати во Рим по завршувањето на својата втора мисија во Украина, по посетата во 2023 година. За време на четиридневниот престој во Лавовската област и во Киев, тој ја пренесе близината и молитвите на папата Лав XIV, кој постојано упатува апели за мир и заштита на човечкото достоинство.

Последните активности на кардиналот се одржаа во вторник попладне, по церемонијата по повод Денот на украинската државност на плоштадот „Свети Михаил“ во Киев, на која присуствуваа претседателот Володимир Зеленски и други граѓански и верски власти.

Меѓу тие активности беше и средбата со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Средба со министерот за надворешни работи

За време на разговорот, министерот Сибиха ѝ се заблагодари на Светиот Престол за нејзиниот хуманитарен ангажман и разговараше со кардиналот за тековните мировни напори и хуманитарните приоритети.

Тој ја истакна состојбата на притворените украински цивили, повикувајќи на хуманитарен механизам што би го олеснил нивното ослободување. Се осврна и на потребата од хуманитарен пристап до заедниците Олешки и Хола Пристан во регионот Херсон, кој е под руска окупација.

Министерот го спомена и неодамнешниот напад врз Киевско-печерската лавра, светско наследство на УНЕСКО, која во август ќе одбележи 975 години од своето постоење. Тој ја опиша нејзината заштита и реставрација како приоритет на украинската влада.

Хуманитарни прашања

Враќањето на затворениците, репатријацијата на украинските деца, хуманитарната помош и заштитата на цивилите беа дел и од средбите на кардиналот Зупи со други украински претставници.

Кардиналот повтори дека хуманитарното дејствување останува во центарот на напорите на Светиот Престол.

„Дури и еден војник, еден цивил или едно дете повторно обединето со своето семејство е чекор кон мирот“, рече тој. „Ќе се вложи секој можен напор. Тоа е волјата на Лав XIV. Хуманитарната посветеност мора да стои над политичките или воените пресметки.“

Според италијанскиот весник Avvenire, кардиналот Зупи се сретнал и со високи украински претставници одговорни за размена на затвореници и човекови права, како и со роднини на воени лица и цивили што се притворени во Русија.

Меѓу барањата упатени до кардиналот и до апостолскиот нунциј во Украина, надбискупот Висвалдас Кулбокас, беше и поддршка за размена на затвореници според принципот „сите за сите“. Таквата размена би опфатила приближно 7.000 украински затвореници што се држат во Русија и околу 4.000 руски затвореници што се држат во Украина.

На средбите се разговараше и за случаите на исчезнати лица, репатријацијата на цивилите и враќањето на украинските деца однесени преку границата, прашање на кое Светиот Престол се ангажира веќе неколку години.

По посетата на кардиналот Зупи на казнената колонија „Захид-1“ во Лавовската област, роднините на притворените лица изразија надеж дека тој можеби ќе може да ги посети и затворите во Русија.

Мисијата на кардиналот Зупи уште еднаш ја потврди хуманитарната линија на Светиот Престол во украинската војна, со посебен акцент на конкретни чекори што можат да донесат олеснување за семејствата, затворениците, децата и сите што страдаат од последиците на конфликтот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот