Зошто расте прогонството на христијаните во светот?

Зошто расте прогонството на христијаните во светот?

Новиот извештај на организацијата „Отворени врати“ (World Watch List 2026) бележи највисоко ниво на антихристијанско прогонство во последните 33 години. Над 388 милиони христијани ширум светот се изложени на високи или исклучително високи нивоа на притисок и насилство.

За време на претставувањето на извештајот, директорот на „Отворени врати“ во Италија, Кристијан Нани, нагласи дека состојбата не само што не се подобрува, туку продолжува да се влошува. Според World Watch List 2026, над 388 милиони христијани, односно еден од седум во светот, доживуваат сериозна форма на прогонство. Само во последната година, 4.849 христијани биле убиени поради својата вера. Над 47.000 цркви, болници и училишта биле нападнати или затворени, а повеќе од 108.000 домови и деловни објекти биле ограбени или уништени.

Африка – епицентарот на насилството

Супсахарска Африка останува глобалниот центар на антихристијанското насилство. Особено тешка е состојбата во Нигерија, каде што за една година биле убиени најмалку 3.490 христијани. Регионот страда од сплет на фактори: слаба државност, воени преврати, распаѓање на владеењето на правото и ширење џихадистички движења, како „Боко Харам“, ISWAP и други радикални групи.

Во земји како Сомалија, Судан и Еритреја прогонството има различни облици. Во Сомалија, екстремистичката група „Ал-Шабаб“ ги третира оние што го прифатиле христијанството како „предавници“, а официјално регистрирани цркви практично не постојат. Во Судан, граѓанската војна доведе до уништување на стотици храмови и до над 9,6 милиони раселени лица. Во Еритреја, тоталитарниот режим ја доживува религиозната независност како политичка закана: нерегистрираните цркви се забранети, а верници често завршуваат во затвор без судење.

Блискиот Исток – опстанок на работ

И на Блискиот Исток состојбата останува драматична. Во Сирија бројот на христијаните се намалил на околу 300.000, што е за стотици илјади помалку отколку пред една деценија. По падот на режимот на Асад во декември 2024 година и доаѓањето на власт на HTS, нападите врз христијаните се зголемиле. Извештајот наведува 27 убиени христијани за една година, уништени цркви и засилен притисок преку воведување на шеријатот како основа на привремениот устав во 2025 година. Општествениот притисок, заканите и недостатокот од заштита ги прават христијанските заедници особено ранливи.

Иран и Азија – контрола и надзор

Иран останува меѓу првите десет земји по прогонство на христијаните. Режимот ги гледа новопокрстените како „западна закана“. Се зголемува надзорот, апсењата и репресијата врз домашните цркви. Историските заедници, Ерменците и Асирците, формално се признаени, но често се третираат како граѓани од втор ред.

Во земји со авторитарни режими како Кина и Северна Кореја, контролата врз верскиот живот е систематска и сеопфатна. Северна Кореја повторно е на врвот на листата на земји со „екстремно“ прогонство.

Латинска Америка – меѓу диктатура и организиран криминал

Иако Латинска Америка традиционално е христијански регион, во низа земји се забележува растечки притисок. Во држави како Куба, Никарагва и Венецуела, авторитарните режими ги репресираат религиозните водачи кои ги бранат човековите права или одбиваат политичка потчинетост.

Во други земји, како Колумбија и Мексико, организираниот криминал е главниот фактор. Картелите и вооружените групи ги доживуваат пасторите и свештениците како закана за своето влијание, особено кога тие работат со млади и со социјално ранливи заедници. Во периодот 2023–2025 година, во Колумбија биле убиени најмалку 36 христијански водачи, а 18 биле пријавени како исчезнати.

Причини – сложен сплет фактори

Според анализата на World Watch List 2026, главните причини за растечкото прогонство се: распаѓање на државноста, религиозен екстремизам (исламистички, националистички или идеолошки), вооружени конфликти, засилен авторитарен надзор и дејствување на организираниот криминал. Во многу региони овие фактори се надоврзуваат, создавајќи средина на постојана несигурност.

Податоците исцртуваат загрижувачка слика: прогонството на христијаните не е изолиран феномен, туку глобален тренд што се продлабочува. Зад статистиката стојат разрушени заедници, масовни иселувања и една „Црква во прогонство“ која продолжува да бара заштита и меѓународно внимание.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот