Епископот Стојанов служеше света Литургија по повод 20 години од упокојувањето на монсињор Јоаким Хербут

Епископот Стојанов служеше света Литургија по повод 20 години од упокојувањето на монсињор Јоаким Хербут

Во вторник 15 април 2025 година се навршуваат 20 години од упокојувањето на Н.В.П. монсињор д-р Јоаким Хербут, кој ја водеше Црквата во Македонија 35 години. По тој повод бискупот Стојанов служеше света Литургија за упокоение.

По повод годишнината од упокојувањето на монсињор Јоаким Хербут, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов во вторник 15 април 2025 година во капелата „Свети Кирил и Методиј“, која се наоѓа во епископската резиденција на Водно, служеше Света Литургија за покојниот епископ Хербут и ги повика верниците на денешниот ден на посебен начин да се спомнат во молитвите за неговата душа. Со епископот Стојанов сослужуваа деканот на Деканатот Свети Кирил и Методиј и директор на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и бискупскиот канцелар протојереј ставрофор отец Марјан Ристов, а на Литургијата присуствуваа сестри Евхаристинки од Скопје.

Монсињор Јоаким Хербут е роден 1928 година во местото Руски Крстур во Војводина. Во 1952 година е ракоположен за свештеник во конкатедралната црква „Свети Кирил и Методиј” во Загреб. Од 1954 до 1957 година е секретар на Скопскиот бискуп Смиљан Чекада. Во 1954 година дипломира на Католичкиот богословски факултет во Загреб, а во 1965 завршува канонско право на Папскиот универзитет „Латеранум” во Рим. Во 1966 година на истиот универзитет ја одбрани докторската дисертација од канонско право на тема „Постот во византиската Црква”. Во октомври 1969 година монсињор Јоаким Хербут е именуван за Скопско-призренски бискуп, должност која ја презема во јануари 1970 година. Во 1972 година е именуван за Апостолски визитатор за католиците од византиски обред во Македонија, а во 2001 година е интронизиран за Апостолски егзарх во Македонија на воспоставениот Апостолски егзархат за верниците католици од источен обред во Македонија.

Монсињор Јоаким Хербут се пресели во вечноста по долго боледување во Скопје на 15 април 2005.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот