На патрониот празник на парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово, во петок 2 август 2024 година, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх служеше света архиерејска Литургијаво сослужение на свештеници од Епархијата и Бискупијата.
Во својата проповед најпрво упати честитки до сите оние кои денес слават именден, истовремено упатувајќи честитки и до парохот отец Илија Стојанов, кој денес го слави својот именден, но и благодарност за поканата која заедно со својот капелан, о. Атанас Сирачев ја упатија за да биде дел од прославата на оваа парохија. Посебно ги поздрави верници кои се наоѓаат надвор од своите родни огништа, надвор од својата татковина, а со кои во изминатиот период имаше можност со некои од нив да се сретне во земјите во кои се наоѓаат.
Осврунвајќи се на пророкот Илија епископот Стојанов, истакна дека и пророците можат да се изморат и дека имаат свои граници при што додаде дека Илија за миг ги заборавил Божјите интервенции во неговиот живот. При тоа наброи дел од тие интервенции: во Божјо име ја објавил сушата, храната преку гавранот, оживувањето на синот на вдовицата, како и за чудесната помош на Господа за неговиот повик кога го запалил огнот наспроти бројните свештеници на Ваал. И покрај сето ова и неговата жестока проповед му изгледало како да нема никакви резултати.
Сепак Илија, охрабрен од Божјата интервенција го продолжува своето патување низ пустината, што беше само уште една етапа во неговиот живот. По четириесет дена и четириесет ноќи стигнал до Божјата гора Хорив, каде го сретнал живиот Бог кој му дал нови упатства и задачи, рече епископот Стојанов и додаде дека таа молитвена средба со Бога ја замолкна вревата на светот и сите громови во неговото срце, сите потенцијални и егзистенцијални закани и го подготви за понатамошно одење низ пустината.
Пресликувајќи ја состојбата на пророкот Илија рече дека и ние ја губиме сила, паѓаме во безнадежност истакнувајќи дека понекогаш нашите христијански основи паѓаат во заборав, нашиот крштелен заветго забораваме, го забораваме неделниот благодатен дар на евхаристискиот леб и благодатниот дар на Божјото слово? Зарем не го забораваме ангелот кој нè води во тишината на молитвеното присуство и разговорот со Бога? Тоа што му се случуваше на Илија, низ што поминуваше тој, поминуваме и ние. Заморот на Илија, сомнежите на Илија, заборавот на Илија, искушенијата на Илија се и наши искушенија и ние сме ставени на испит – рече монсињор Киро Стојанов.
Понатаму нагласи дека не смееме да заборавиме дека монотонијата и безживотноста на пустината, како и самотијата во пустината, можат да донесат многу благодатни плодови. Заморот е природна работа, а природно е човекот и да падне, но тоа не е крај рече владиката и додаде: „Подемот и продолжувањето е карактеристика за човек кој верува, кој се надева и кој љуби со љубовта со која Бог нè љуби“. Тој рече дека брзината на животот и наметнатото темпо не ни дозволуваат да размислуваме за својата душа и наместо душата во центар на вниманието го ставаме телото и сите наши напори ги насочуваме кон телото, кон физичкото, не кон духовното, туку кон материјалното. Затоа е неопходно цврсто да се каже „не“ на сите пагански богови и пророци на Ваал, на нивните кралеви и цареви кои безобѕирно ги газат светилиштата на нашите души.
„Тоа што го избра нашиот заштитник и застапник пред Бога, свети пророк Илија, и ние да го следиме и да дадеме сѐ за Него, сѐ за Господа, таа е најдобрата животна инвестиција и единствената сигурност која гарантира преобразба и вечност. Дај Боже сите да дочекаме и да уживаме во Божјите прегратки“ – рече епископот Стојанов завршувајќи ја својата проповед
На крајот од светата Литургија следуваше многуја лета, а потоа парохот отец Илија Стојанов се заблагодари на епископот што го предводеше ова евхаристиско славење, но и на сите кои придонесоа патрониот празник да се прослави свечено, посебно истакнувајќи ги одборниците и сите оние кои им помогнаа во подготовката на заедничкото агапе.
По завршувањето на светата архиерејска Литургија во дворот на Црквата монсињор Стојанов го благослови агапето.
к.мк