На Велики Четврток, 17 април 2025 година, во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх во заедништво со свештеници од Епархијата во Македонија служеше света Василиева Литургија.
Во својата проповед епископот Стојанов најпрво се осврна на чинот кога Исус им ги мие нозете на апостолите, истакнувајќи дека тој знаел многу пати да ги изненади присутните и самите апостоли, со што покажа колку ги љуби и со овој пример ги охрабри апостолите, но и сите негови следбеници, на сличен начин да се љубат и да си служат еден со друг. Потоа се осврнува на светата Евхаристија, која Господ Исус ја воспостави на Велики Четврток и свештенството, преку кои секојдневно се остварува Светата Тајна на љубовта, Евхаристијата.
Во оваа прилика епископот Стојанов упати честитки до свештениците, бидејќи Велики Четврток е ден на свештенството. Тој исто така упати честитки и до сестрите Евхаристинки, кои се посветени на светата Евхаристија, благодарејќи им за целиот труд и добро кои ги вложуваат за доброто на Црквата.
На крајот епископот Стојанов повика на молитва за духовни звања.
За време на светата Литургија епископот Стојанов го посвети Светото Миро, а потоа на дванаесет верници, кои ги симболизираат дванаесетте апостоли, го изврши и обредот миење нозе.
к.мк