Епископот Стојанов во Рим учествува на конференција на тема: Христијанските семејства – надеж за Европа
Во организација на Советот на епископски конференции на Европа, во Рим од 9 до 11 ноември 2025 година се одржува Конференција на бискупите и националните директори за семејство и живот на тема: Христијанските семејства – надеж за Европа, на која учествува епископот Киро Стојанов, како претседател на Комисијата за семејство и живот при Меѓународната епископска конференција „Свети Кирил и Методиј“.
Во своето обраќање пред присутните епископот Стојанов истакна дека семејствата во земјите кои се во склоп на Меѓународната бискупска конференција „Свети Кирил и Методиј“, се соочуваат со слични, но во исто време и различни предизвици. Неговото излагање има за цел да се размислува на суштинските, заедничките проблеми со кои се соочуваат семејствата во овој регион, како и причините за надеж, истакнувајќи ја свесноста како пастири дека семејството покрај тоа што е основна општествена клетка, пред сé е „домашна црква“ (Ecclesia domestica), како што го дефинира Вториот Ватикански собор (Lumen Gentium, 11).
Во продолжение епископот Стојанов зборуваше за промените во структурата на семејството и сфаќањето на семејството и бракот во актуелниот општествен контекст, истакнувајќи дека Црквата преку најразлични пасторални иницијативи се обидува да ги придружува семејствата и да биде блиска до нив, посебно до оние кои се во потешка ситуација, нудејќи им духовна и човечка поддршка, но и христијанска формација.
Зборувајќи за демографските и социјални предизвици, посебно за намалениот наталитет и иселувањето на младите семејства, епископот Стојанов ја истакна потребата од нови пасторални пристапи, посебно во дијаспората, за што е пак потребна поддршка од Епископските конференции, каде што семејствата мигрираат.
Епископот Стојанов се осврна и на заедничките иницијативи и пасторалните насоки, како и потребата од дефинирање на заедничките приоритети во пасторалното делување, истакнувајќи ја потребата од поврзување на катехетската, литургиската и социјалната димензија во пасторалниот пристап.
Кон крајот од свето обраќање монсињор Стојанов рече дека семејствата продолжуваат да бидат носители на надежта, сведочејќи за убавината на брачниот живот и отвореноста за живот,
Своето обраќање го заврши со зборовите: Црквата е повикана да го навести Евангелието на животот и љубовта (сп. Evangelium Vitae , 80), и со семејствата заедно да ја гради културата на живот, во која секое човечко битие е дар Божји, од зачнувањето до природната смрт.
к.мк

