Епископи од регионот го посетија богданско-гевгелискиот крај

Епископи од регионот го посетија богданско-гевгелискиот крај

Во рамки на прославата 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј епископите од регионот посетија важни места од животот на Црквата во богданско-гевгелискиот крај

Во сабота  5 октомври 2024 година во рамки на прославата 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов, а во организација на деканот протојереј ставрофор д-р Зоран И. Стојанов, со гостите од странство, епископот од Крижевци Милан Стипиќ, епископот од Руски Крстур Ѓуро Џуџар, епископот од Софија Петко Валов, делегатот на епискиопот од Атина отец Саболшч Пап и други членови на делегацијата, беа примени од градоначалникот на Општина Богданци г-дин Блаже Шапов.

Во пријатна атмосфера епископот Стојанов на градоначалникот Шапов му се заблагодари за досегашната соработка, со надеж таа да се продлабочи. Протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов го запозна градоначалникот за историјата на деканатот Свети Кирил и Методиј, воедно претставувајќи му ги членовите на делегацијата.

По средбата со градоначалникот следуваше посета на Паљурци, на местото каде што треба да се гради црквата „Свети Павле“. Пред темелите на црквата отец д-р Зоран И. Стојанов ги запозна присутните со актуелната ситуација и плановите, како и за историската важност на Паљурци за Католичката црква. Поради временските услови, за жал не беше можно да се посети црквата „Мајка Божја Утешителка –  Паљурска“ на Чуката.

За време на посетата на најстарата парохиска црква во деканатот, која се наоѓа во Богданци, парохот протојереј ставрофор отец Тома Ангелов ги запозна присутните со историјата на парохијата во Богданци, посебно истакнувајќи го прогонство на Црквата во овие краишта во период меѓу двете светски војни и тешкиот период после Втората светска војна.

Посетата на богданско-гевгелискиот крај заврши со посета на Центарот Мајка Тереза во Гевгелија и манастирот на Сестрите Евхаристинки. Во таа прилика провинцијалната сестра Бернардина им ги претстави почетоците, харизмата и актуелната ситуација на нивната монашка заедница, истакнувајќи ја континуираната присутност на Сестрите Евхаристинки во Гевгелија, од нивното основање па сé до денес.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот