Енциклика на папата Лав XIV: Вештачката интелигенција треба да му служи на човештвото, а не на моќта на малкумина
По повод 135-годишнината од енцикликата Rerum novarum, Папата во својата прва енциклика Magnifica humanitas размислува за социјалното учење на Црквата во ерата на вештачката интелигенција. Тој охрабрува да се зачува „величественото човештво во кое престојува Бог“, промовирајќи ја вистината, достоинството на работата, социјалната правда и мирот. Во дигиталното доба, потребно е да се „разоружа“ вештачката интелигенција и да се надмине теоријата за „праведна војна“, оживувајќи ги дијалогот и мултилатерализмот.
„Величественото човештво што Бог го создаде денес се соочува со одлучувачки избор: да изгради нова Вавилонска кула или град во кој Бог и човештвото живеат заедно.“ Воведните зборови на првата енциклика на папата Лав XIV, Magnifica humanitas, „за заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција“, ги сумираат нејзините основни причини и цел.
Енцикликата објавена во понеделник, 25 ма 2026 година, која Папата ја потпиша на 15 мај, на 135-годишнината од објавувањето на Rerum novarum на Лав XIII. Папата Превост го презеде наследството на својот претходник, пишувајќи социјална енциклика посветена на еден од главните предизвици на современото време: вештачката интелигенција.
Поделена во пет поглавја, Magnifica humanitas тргнува од премисата дека технологијата не е „сила спротивна на личноста“ (4), ниту е „зла сама по себе“ (9). Сепак, таа „не е неутрална, бидејќи го добива лицето на оние што ја дизајнираат, финансираат, регулираат и користат“. Затоа Папата охрабрува да се гради врз доброто и да останеме луѓе, следејќи ја логиката на храбра соодговорност и заедништво.
Социјалната наука на Црквата
Првото поглавје, „Динамична мисла верна на Евангелието“, ја следи социјалната наука на Црквата во неодамнешното учење и во учењето на Вториот ватикански собор, нагласувајќи го нејзиниот „динамичен карактер“ (17). Таа не е „прирачник со принципи и норми што треба да се применат“, туку повеќе „теологија на заедништвото во историјата“ (27), која го води толкувањето на настаните во светлината на Евангелието.
Во второто поглавје, папата Лав XIV ги изложува основите и принципите на социјалната наука на Црквата. Меѓу основите се достоинството на личноста, создадена според образот и подобието Божјо; неповредливоста на човековите права, вклучително и правото на живот „од зачнувањето до природниот крај“; и признавањето на правата на малцинствата, со особено внимание кон жените, за тие вистински да бидат слушани и вреднувани (57).
Неприфатливо е да се потчинува една нација
Што се однесува до принципите на социјалната наука на Црквата, папата Лав XIV наведува пет. Првиот е општото добро, „социјалната форма на достоинството признаено во секоја личност“ (59). Во едно прашање Папата е особено решителен: „Промовирањето на општото добро никогаш не може да се одвои од почитувањето на правото на народите да постојат, да го зачуваат сопствениот идентитет и да придонесат со својата оригиналност во семејството на народите“. Следствено, „секој обид или план за елиминирање или потчинување на една нација е сериозно неморален и затоа неприфатлив“ (64).
Технологијата не смее да биде во рацете на малкумина
Вториот принцип се однесува на универзалното одредиште на добрата. Тука, како и на други места во енцикликата, папата Лав XIV инсистира технологиите да не бидат концентрирани во рацете на малкумина, со што би се продлабочил јазот меѓу оние што се вклучени и оние што се исклучени од дигиталната револуција (67).
Од тоа произлегуваат третиот и четвртиот принцип: супсидијарноста (68), која бара надминување на патернализмот и асистенцијализмот во корист на споделена одговорност, и солидарноста (73), „принцип и доблест“ спротивна на рамнодушноста.
Социјална правда
Петтиот принцип е социјалната правда. Во дигиталното доба таа треба да гарантира еднаков пристап до можности за сите, да ги заштити најранливите, да се спротивстави на омразата и дезинформациите и да ја подложи употребата на технологијата на јавен надзор.
Папата Лав XIV го гледа „решавачкиот тест“ во оваа област во односот кон мигрантите: начинот на кој општеството се однесува кон нив покажува „дали идејата за правда е водена од страв или од братство“. Затоа тој повикува да се заштити „правото на надеж“ на оние што се принудени да заминат, да се обезбедат безбедни и легални патишта, достоинствен прием и интеграција, како и да се промовира „правото на останување“ на секој човек во сопствената земја, во мир и безбедност, со решавање на „коренските причини“ за миграцијата (81).
Овие пет принципи, според Папата, важат и за Црквата, која е повикана да „ја испита совеста“, да ги слуша жртвите на духовна, економска, институционална, сексуална злоупотреба, како и злоупотреба на моќ и совест, бидејќи тоа е „составен дел од патот на правдата, кој вклучува признавање на штетата, праведна компензација и превенција“ (89).
Етички кодекс за вештачката интелигенција
Третото поглавје, „Технологија и доминација. Величината на човечката личност пред ветувањата на вештачката интелигенција“, нагласува дека кон вештачката интелигенција треба да се пристапи внимателно, со јасност во однос на одговорноста во сите нејзини фази и со фокус врз соодветни политики, законски рамки, независен надзор и едукација на корисниците.
Пред сè, потребен е етички кодекс подложен на критериуми на споделена социјална правда, бидејќи „не ни е потребна поморална вештачка интелигенција ако за тој морал одлучуваат малкумина“ (107). Не треба да се занемари ниту влијанието на новите технологии врз животната средина, бидејќи тие бараат големи количества енергија и вода, а со тоа влијаат врз создадениот свет (101).
Да се „разоружа“ вештачката интелигенција
Вештачката интелигенција треба да биде „разоружана“, продолжува папата Лав XIV, за да се ослободи од логиката на воената, економската и когнитивната конкуренција; да се прекине изедначувањето на техничката моќ со правото на владеење; да се ослободи од монополот и да се спречи да доминира над човештвото.
Голем простор е посветен на критиката на трансхуманизмот и постхуманизмот, кои го толкуваат напредокот како надминување на човечките ограничувања. Напротив, ограничувањето не е недостаток што треба да се отстрани, туку составна димензија на личноста, бидејќи во кревкоста и конечноста созреваат односите и отвореноста кон Бога и кон другите.
Затоа, да се унапредува технологијата преку отстранување на човечките граници значи да се предизвика назадување на срцето. Величественото, но ранeто човештво „не смее ниту да се замени ниту да се надмине“. Технологијата може да го ублажи неговото страдање и да отвори нови можности, но не смее да го лиши од она што му е својствено: „способноста за односи и за љубов“ (126).
Пред вештачката интелигенција, вистинската алтернатива не е меѓу ентузијазам и страв, туку меѓу два начина на градење напредок: во служба на поединците и народите или во служба на логиката на моќта (129).
Екологија на комуникацијата
Во четвртото поглавје, „Заштита на човештвото во преобразбата: вистина, работа, слобода“, енцикликата нагласува „екологија на комуникацијата“ заснована на вистината. Папата охрабрува транспарентност во логиката на изборот на содржини, заштита на личните податоци, сериозно новинарство засновано на аргументација и проверка, нова свест за „правилната и критичка“ употреба на вештачката интелигенција и интеграција на знаењето.
Транспарентна и искрена комуникација се бара и од Црквата, особено во случаи на неправда и злоупотреба. Централен е и повикот за обновен образовен сојуз, за „желбата за поставување прашања“ кај младите да не биде изгасната од совршени машини што создаваат впечаток дека човечката мисла е бескорисна (140). Папата Лав XIV, исто така, охрабрува вниманието да се насочи кон училиштата како места каде што се учи да се „бара и љуби вистината“ (147).
Достоинство на работата
Во „четвртата индустриска револуција“, претставена преку дигиталната транзиција, Папата ја истакнува важноста на заштитата на достоинството на работата преку дизајнирање системи насочени кон личноста, а не само кон работниот процес. Технологијата секако може да ги ослободи луѓето од мачни или повторувачки задачи, но не смее да доведе до невработеност во име на намалување на трошоците и зголемување на профитот. Во таа смисла, тој охрабрува и обновување на синдикатите.
Мир и развој
Потоа Папата ја нагласува потребата да се оди подалеку од БДП како мерка за нивото на развој на една земја, фокусирајќи се на достоинството на работата, заедничкиот просперитет, намалувањето на нееднаквостите и заштитата на животната средина. Финансирањето насочено кон финансии, всушност, е различно од финансирањето насочено кон развој (159-160).
Следејќи ги стапките на свети Павле VI, тој ја истакнува меѓузависноста меѓу мирот и развојот, охрабрувајќи меѓународна соработка способна да дефинира заеднички стратегии, особено во корист на најранливите земји и групи, бидејќи просперитетот придонесува за мир „само ако е широко распространет, инклузивен и одржлив“ (163).
Папата силно го нагласува и семејството, засновано врз стабилен сојуз на маж и жена. Тоа е „примарно општествено добро“, „фундаментална и незаменлива клетка на секоја општествена организација“ (165), која треба да се поддржува преку политики за работа што ја поттикнуваат стабилноста и човечкиот ритам, штитејќи ја способноста на општеството да „ја гради иднината“.
„Архитектура на видливост“
На крајот од ова поглавје се разгледува прашањето за човековата слобода. Во време кога дигиталните платформи се дизајнирани да им го одземаат времето на корисниците и да ги искористуваат нивните слабости, потребно е да се зајакне внатрешната слобода на секоја личност, а истовремено да се спротивставиме на ризикот од општествена контрола што произлегува од масовното собирање податоци и употребата на алгоритамски системи.
Профилирањето, предвидувањето и насочувањето на однесувањето претставуваат „нова моќ“ (171), која ги изложува најранливите на ризик од дискриминација. Папата особено ја осудува „архитектурата на видливост“, која го засилува само она што е видливо, обликувајќи ги мислењата.
Нови облици на ропство и нов колонијализам
Вештачката интелигенција создава и нови облици на ропство, како што е ропството на „обележани, осакатени и истрошени тела“ (173) на оние што работат на ископ на ретките земни метали потребни за технологијата. Борбата против новите облици на ропство затоа е уште еден „решавачки тест за етичкото расудување“ на дигиталната преобразба.
Лав XIV нагласува дека „Црквата ја обновува својата цврста осуда на сите облици на ропство, трговија со луѓе и стоковизација на личноста“. Во исто време, Папата искрено бара прошка за доцнењето со кое Црквата во минатото ја осудувала „безволноста на ропството“ (174-176).
Енцикликата ги споменува и „новите ретки земји на моќта“, односно клучните информации, на пример за здравјето и демографијата, што се користат за водење економски стратегии. Тоа е ново лице на колонијализмот, кое ги претвора личните животи во информации за експлоатација, правејќи ја дигиталната средина „простор на грабеж“ (178-179).
Надминување на теоријата за „праведна војна“
Во петтото поглавје, „Културата на моќта и цивилизацијата на љубовта“, Лав XIV го насочува вниманието кон војната. „Дигиталната револуција ги менува правилата на конфликтот“, а без етички пристап, одлуките за живот и смрт ќе стануваат сè повеќе безлични, додека употребата на сила ќе се смета за „непосредна и изводлива опција“ (182-183).
Во коренот на сето тоа е „култура на моќ“, која ја нормализира војната и повторно ја прифаќа како „инструмент на меѓународната политика“, поттикнувајќи вооружување. Јавното мислење денес е оптоварено и со поларизирачки медиумски наративи, како и со „загрижувачка загуба на историското сеќавање“, што нè лишува од долгорочна визија (191).
Следствено, мирот денес повеќе не се разбира како задача што треба да се преземе, туку како интервал меѓу конфликтите. Поради тоа папата Лав XIV повторува дека, иако се задржува правото на легитимна одбрана во најстрога смисла, потребно е да се надмине теоријата за „праведна војна“ и да се промовираат дијалог, дипломатија и прошка (192).
Ниеден алгоритам не ја прави војната морално прифатлива
Папата Превост не пропушта да го осуди растот на воената индустрија, трката во нуклеарно вооружување и појавата на нови вооружени актери, вклучително и џихадисти, чија цел е да ги продолжуваат конфликтите како извор на моќ и профит.
Потоа тој јасно предупредува против употребата на оружје поврзано со вештачка интелигенција, бидејќи „не постои алгоритам што може да ја направи војната морално прифатлива“. Потребни се строги етички ограничувања, споделени на меѓународно ниво, врз основа на лична одговорност и заштита на цивилите, бидејќи „секоја технологија што олеснува напад без да се погледне во лицето на другата личност го намалува моралниот праг за конфликт“ (199).
Кризата на мултилатерализмот
Културата на моќ произлегува и од кризата на мултилатерализмот и појавата на „неуреден и конфликтен мултиполаритет“ (201). Силата на законот е заменета со правото на најсилниот; логиката на моќта преовладува над градењето мир, а институциите создадени за заштита на заедничката судбина на народите денес се ослабени.
Во таа смисла, Папата се надева на „длабоки реформи“ на ОН, кои ќе ја надминат сегашната криза на вредностите во корист на општото добро (226).
Цивилизацијата на љубовта
Христијаните се повикани да одговорат на културата на моќта преку градење „цивилизација на љубовта“ и преку избор дали ќе ја поттикнуваат логиката на силата или ќе го зачуваат мирот.
Папата наведува пет „патеки на одговорност“: да се разоружаат зборовите преку кажување на вистината; да се гради мир со правда; да се усвојат перспективите на жртвите преку заземање став, бидејќи постојат конфликти во кои „не е во ред да се остане неутрален“; да се негува „здрав реализам“, кој бара патишта кон мирот што се остваруваат преку дела, а не само преку зборови; и конечно, да се обнови дијалогот преку премин од култура на моќ кон култура на преговори.
„Дијалогот меѓу религиите“, како носител на порака за мир, исто така е неопходен. „Кој го злоупотребува името Божјо за да оправда тероризам, насилство или војна, го предава Неговото лице“, предупредува папата Лав XIV (223).
Величествено човештво
На крајот од енцикликата, Папата ги охрабрува верниците да се вклучат во новите технологии во светлината на Евангелието, следејќи го „разумниот и тежок пат на христијанскиот живот“. Така, и во ерата на вештачката интелигенција, секој може да биде сведок на „убавината на величественото човештво во кое живее Бог“.
Ватикан њуз/к.мк

