Високи црковни претставници од многу европски земји, кои како делегати на Генералната епископска синода ги претставуваат своите локални цркви, во Линц од 29 до 31 август учествуваа на тридневната подготовка за седницата на Синодата во Ватикан која ќе се одржи во октомври
Продолжувањето на работата во европски контекст на темата за синодалност, која ја покрена папата Фрањо, беше во центарот на консултациите на 43 учесници, меѓу кои беа кардинали, бискупи и теолози. На крајот од средбата не беше објавено заедничко соопштение, но извештаите на шестте групи поделени по јазик, презентирани во саботата, даваат увид во содржината на дијалогот за работниот документ на синодота „ Instrumentum laboris.“
Во извештаите се наведува и оценка дека Католичката црква во Европа е „поделена и исцрпена“. Тоа треба да ја задоволи потребата да се „залечат колективните рани“ и мора да биде „попонизна и отворена за светот“, се вели во извештаите. Но, „Европа повеќе не е центар на Црквата, само Рим е срцето на Црквата“, оценија учесниците на состанокот. При напорите за реконструкција, неопходно е да не се подлегнува на опасноста од носталгија, згора на тоа, вреди взаемно да се учи меѓу Источна и Западна Европа и да се биде свесен за „екуменската шанса“ на Европа. Европските учесници на Синодата порачаа и дека католицизмот мора да се живее „на далечина“ и во согласност со принципот „глобално размислувај, дејствувај локално“.
Учесниците разговараа и за прашањата на службите во Црквата. Во една од јазичните групи беше заклучено дека мора да се надмине клерикализмот, без да се одземат конкретните надлежности на свештениците и епископите. Групата на француски јазик изрази предупредување за опасноста од „бирократизација“ и повика на зајакнување на „обврската за советување“ и супсидијарност. „Instrumentum laboris“ секако го нагласува учителскиот авторитет на бискупската конференција, но истовремено треба да се постави и прашањето: „Што ова конкретно значи?“, пишува во извештајот на една од трите групи на англиски јазик. Се предлага да се создадат нови служби, како духовна придружба. (…)
Во заклучоците на групите за темата синодалност се наведува дека досегашниот синодален процес е многу плоден и дека мора да се продолжи. Општата епископска синода не смее да биде „завршната точка“, затоа се предлагаат редовни состаноци на сите нивоа на Црквата и по неа.
„Новата синодална култура може да се научи само со правење“, се наведува во заклучоците. За да биде тоа успешно, потребна е меѓу останатото наобразба за „разликување“, како и учење за „разговор во духот“ и ново откривање на „харизмата на крштевањето“,бидејќи крштевањето е основа на посланието на христијаните во светот. Затоа, во иднина треба да се посвети поголемо внимание на процесите на иницијација, воведувањето во христијанството.
Средбата во просториите на семинаријата во Линц беше методолошки заснована на ватиканската епископска синода. (…)
Ика/к.мк