Во катехезата на Генерална аудиенција, во среда 25 септември 2024 година, Папата предупреди дека ѓаволот е лукав и нè тера да веруваме дека не постои; напротив, тој се крие зад магијата, астрологијата, окултизмот и сите други современи средства кои му овозможуваат безброј начини да нѐ води во искушение. Така е и со интернет порнографијата, многу распространет феномен од кој христијаните мора да се чуваат и строго да ја отфрлат, предупреди папата Фрањо: Христос ја победи сатаната „и ни го даде Духот за да можеме неговата победа да ја направиме наша“.
ПАПА ФРАЊО
ГЕНЕРАЛНА АУДИЕНЦИЈА
Плоштад Свети Петар
среда, 25 септември 2024 година.
ЦИКЛУС НА КАТЕХЕЗИ: ДУХОТ И СВРШЕНИЦАТА. СВЕТИОТ ДУХ ГО ВОДИ БОЖЈИОТ НАРОД КОН ИСУС, НАШАТА НАДЕЖ
7. Духот го одведе Исус во пустината. Светиот Дух – наш сојузник во борбата против духот на злото
Драги браќа и сестри, добар ден!
Веднаш по крштевањето во Јордан, „Духот го одведе во пустината за да биде искушуван од ѓаволот “ ( Матеј 4,1), така се вели во Евангелието според Матеј. Иницијативата не е од сатаната, туку од Бога. Одејќи во пустината, Исус го послушал вдахновението на Светиот Дух, не паѓа во стапицата на непријателот, тоа не. Откако ги надмина нападите, тој – пишува – се врати во Галилеја „во силата на Духот“(Лука 4,14).
Исус самиот се ослободи од сатаната во пустината и сега може да ослободува од сатаната. Тоа го изнесуваат на виделина евангелистите со бројните извештаи за ослободување на опседнати. Исус им вели на своите противници: Ако, пак, Јас истерувам бесови со Духот Божји, тоа значи дека дошло царството Божјо до вас“ (Матеј 12.28).
Денеска сме сведоци на чудна појава поврзана со злите духови. На одредено културно ниво, се смета дека тој едноставно не постои, дека е како некој симбол на колективното несвесно, или отуѓување, накратко метафора. Но, „најголемото ѓаволско лукавство е да ги убеди луѓето дека не постои“, како што напишал некој (Шарл Бодлер). Тој е лукав и лицемерен: нè убедува дека не постои и на тој начин владее над сè. Тој е лукав. А сепак нашиот технолошки и секуларизиран свет изобилува со вештерство, окултизам, спиритуализам, астролози, продавачи на амајлии и уроци и, за жал, вистински сатанистички секти. Кога ќе го избркаат од вратата, ѓаволот се враќа, така да се каже, низ прозорецот. Кога ќе биде избркан од верата, тој се враќа со празноверие. А ако си празноверен, несвесно зборуваш со ѓаволот. Со ѓаволот не се разговара.
Најсилниот доказ дека сатаната постои не се наоѓа кај грешниците или опседнатите, туку кај светителите! „Па, како е тоа можно, оче?”. Да, точно е дека злиот дух е присутен и делува во одредени екстремни и „нечовечки“ облици на зло и зла што ги гледаме околу нас. Но, на тој начин, сепак, во некои случаи е практично невозможно да бидеме сигурни дека станува збор за него, бидејќи не можеме точно да знаеме каде завршува неговото делување и каде започнува нашето сопствено зло. Затоа Црквата е многу претпазлива и строга во спроведувањето на егзорцизми, за разлика од она што, за жал, се случува во некои филмови!
Токму во житијата на светците, токму таму, лошиот дух е принуден да излезе на виделина, да застане „против светлината“. Повеќе или помалку сите светци и големи верници сведочат за својата борба со таа мрачна реалност и не може со право да се претпостави дека сите тие се едноставно опседнати или дека се едноставно жртви на предрасудите на своето време.
Битката против духот на злото се добива како што Исус ја доби во пустината: со камшикот на Божјото слово. Гледаш Исус не зборува со злиот дух, тој никогаш не разговарал со зли духови. Или го гони или го осудува, но никогаш не влегува во дијалог со него. А во пустината не одговара со свој збор, туку со збор Божји. Браќа, сестри, никогаш не треба да се зборува со ѓаволот. Кога ќе дојде искушението: „ова би било убаво, тоа би било убаво“, престанете! Подигнете го своето срце кон Господа, молете се на Богородица и изгонете го, како што Исус нè научи да го гониме. Свети Петар предлага и друго средство, кое на Исус не му било потребно, а ние имаме, будност: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1 Петар 5,8). А свети Павле ни вели: „не му давајте место на ѓаволот“ (сп. Ефесјаните 4,27).
Откако Христос, на крстот, еднаш засекогаш ја победи силата на „кнезот на овој свет“ (Иван 12, 31), злиот дух – вели еден црковен отец – беше „окован, исто како куче на синџир; не може никого да касне, освен оние кои, пркосејќи на опасноста, му приоѓаат… Може да лае, да навалува, но не може да касне, освен оние кои тоа го сакаат.“ [1] Ако си толку глупав па одиш кај кај ѓаволот и му велиш: „Еј, како си!“, тој ќе те уништи. Ѓаволот? Бегај понастрана од него. Со ѓаволот не се разговара. Се гони. Дистанца. И сите ние, сите ние, имаме искуство како ѓаволот ни се приближува со некое искушение поврзано со една од десетте заповеди. Кога ќе го почувствуваме, да застанеме, да бегаме понастрана! Не приближувајте се на куче врзано за синџир!
Современата технологија, на пример, покрај многуте позитивни добра кои треба да се ценат, нуди и безброј начини да му се „отстапи простор на ѓаволот“ и многумина паѓаат таму. Да размислиме за порнографијата на Интернет, зад која има растечки пазар, тоа сите го знаеме. Таму ѓаволот работи. Тоа е многу раширен феномен од кој христијаните, сепак, мора да се чуваат и јасно да ја отфрлат. Затоа што секој мобилен телефон има пристап до таа бруталност, тој јазик на злиот дух: онлајн порнографијата.
Свесноста за делото на ѓаволот во историјата не треба да не обесхрабрува. Она за што мораме да бидеме длабоко свесни и во овој случај е довербата и сигурноста: „Јас сум со Господа, бегај!“. Христос го победи злиот дух и ни го даде Светиот Дух за неговата победа да биде наша. Дури и дејствијата на непријателот можат да се свртат во наша корист, ако со Божја помош направиме тоа да служи за наше очистување. Затоа, да се молиме на Светиот Дух со зборовите од химната Veni Creator:
„Душманите од нас изгони ги
и дарувај ни постојан мир,
Оди пред нас, води не,
за да се чуваме од секакво зло“.
Бидете внимателни бидејќи ѓаволот е лукав. Но ние христијаните по Божја благодат сме поитри од него. Благодарам.
———————————————
[1] Свети Цезариј од Арл, Discorsi 121, 6: CC 103, стр. 507.
_____________________________