За време на првата генерална аудиенција по летната пауза, папата Фрањо во среда 7 август 2024 година ги сподели своите размислувања за улогата на Светиот Дух во воплотението на Божјото Слово, нагласувајќи дека без Светиот Дух, проповедта на Црквата е бесплодна.
„Ништо не е невозможно за Бога“. Со ова утешително убедување секогаш да се започне одново, ги охрабри папата Фрањо присутните на генералната аудиенција, која се одржа во среда, 7 август 2024 година, во салата Павле VI во Ватикан. Размислувајќи за улогата на Светиот Дух, Светиот Отец истакна дека по завршувањето на првиот дел од овој циклус, фокусиран на Неговото делување при создавањето, во текот на следните неколку недели катехезите ќе бидат посветени на делото на откупување, преминувајќи на тој начин на Новиот Завет.
Екуменски факт на верата
Тема на оваа средба е улогата на Светиот Дух во Воплотувањето на Словото. Петровиот наследник наведе два пасуса од Светото Писмо. Во Евангелието по Лука читаме: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“, а свети Матеј тврди дека Марија „е тешка од Светиот Дух“. Црквата го прифати овој откриен факт и многу брзо го стави во срцето на Символот на верата. „Така“, нагласи Папата, „тоа е екуменски факт на верата, бидејќи сите христијани заедно исповедаат ист Символ на верата“. Католичката побожност уште од памтивек ја црпи од тука секојдневната молитва – Ангел Господов“.
Свршеницата и сликата на Црквата
Како што понатаму истакна Светиот Отец, „овој член на верата е основата што ни овозможува да зборуваме за Марија како исклучителна Свршеница која е прототип на Црквата“. Тој ги наведе зборовите на свети Лав Велики, кој напиша дека „Исус, како што е роден од Светиот Дух од Дева Марија, ја прави Црквата, негова непорочна Свршеница, плодна со животворниот здив на истиот Дух. .Оваа паралела ја презема и Вториот ватикански собор, истакнувајќи ја во догматската конституција за Црквата „Lumen Gentium“.
Од „зачнување“ до „раѓање“
Како заклучок, папата Фрањо понуди некои „практични размислувања за нашите животи“ поттикнати од Светото Писмо за зборовите „зачнување“ и „раѓање“. Пророкот Исаија пишува: „Ете, девицата ќе зачне и ќе роди син“, а ангелот за време на Благовештението потврдува: „И ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син“. Како што забележа Римскиот епископ, Марија најпрво зачнала, односно „го примила во неа, во своето срце и тело“, а дури подоцна го родила Исус. А истото се случува и во Црквата, која најпрвин го прифаќа Божјото Слово за да му „зборува на срцето“ и да „ја исполни одвнатре“, како што читаме во Светото Писмо, за потоа „со животот и проповедањето да го донесе во светот“. Второто делување без првото е бесплодно“, нагласи Папата.
Сè е можно со Бога
„На ист начин, Црквата, пред задачите што ги надминуваат нејзините сили, неволно го поставува истото прашање: „Како е тоа можно?“ Како може да се објави Исус Христос и Неговото спасение на светот, кој изгледа дека бара само благосостојба? Одговорот е ист како и тогаш: „Ќе примите сила од Светиот Дух“ (Дела 1,8) Црквата без Светиот Дух не може да оди напред, не може да расте, не може да проповеда“, рече Папата, истакнувајќи дека сето она што е кажано за Црквата важи и за секој кој е крстен „Секој од нас понекогаш запаѓа во ситуации кои ги надминуваат нашите сопствени сили и се прашуваме: „Како да се справам со оваа ситуација?“ Во такви случаи помага да го повториме она што ангелот и го кажа на Дева Марија: „Зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила“ (Лк 1,37) Браќа и сестри, ние исто така го обновуваме секогаш нашиот пат со оваа утешна доверба во нашите срца: „За Бога ништо не е невозможно“. Ако веруваме во тоа тогаш ќе правиме чуда“, поттикна Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк