За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV размислуваше за сакралната музика во Литургијата, истакнувајќи дека таа ѝ дава глас на молитвата и ја изразува верата. Нејзината главна цел, нагласи Папата, е навестување на Бога и помагањето на верниците да растат во светост.
„Крајната цел на сакралната музика е токму онаа што ја посочува Sacrosanctum Concilium: ‘славата Божја и осветувањето на верниците’“, рече папата Лав XIV на Генералната аудиенција, одржана во среда 19 август 2026 година во базиликата „Свети Петар“.
Папата ја продолжува својата серија размислувања за конституцијата на Вториот ватикански собор за светата Литургија, Sacrosanctum Concilium. Оваа недела се задржа на шестата глава од документот, посветена на сакралната музика.
Во катехезата, папата Лав XIV потсети дека конституцијата вели оти „музичката традиција на универзалната Црква е богатство со непроценлива вредност, поголема дури и од она на која било друга уметност“.
Сакралната музика, рече тој, не е додаток на Литургијата, таа ѝ припаѓа на самата литургиска служба, бидејќи „ѝ дава глас на молитвата, ја изразува верата на Црквата, го поттикнува заедништвото и им помага на верниците подлабоко да влезат во таинството што се слави“.
Израз на молитва и вера
Папата истакна дека пеењето и изведувањето сакрална музика во Литургијата „значи да се молиме“ и „значи своето срце да го усогласиме со срцата на браќата и сестрите и со Бога, преку активно учество во таинството што се слави“.
Потсетувајќи дека музиката ја изразува чувствителната димензија на молитвата, папата Лав XIV го цитираше свети Августин, кој рекол: Cantare amantis est, односно: „Пеењето му припаѓа на оној што љуби.“
„Ова“, размислуваше Папата, „е многу важно, бидејќи помага срцето да се отвори за Божјото дејствување преку благодатта и дозволува срцето да биде обликувано од неа.“
Светиот Отец потсети и дека пеењето го поттикнува заедништвото. „Преку симфонијата на гласовите“, рече тој, „придонесува за единство на срцата, ги надминува разликите меѓу луѓето и ги собира сите во славење на Бога. Така станува епифанија на Црквата, видлива пројава на заедништвото што ѝ припаѓа на самата нејзина природа.“
Висок квалитет и вдахновеност од Светото Писмо
Папата Лав XIV објасни дека, со оглед на големото теолошко значење на сакралното пеење како составен дел од литургиската богослужба, треба да се исполнат одредени барања.
„Пред сè, надвор од модата или посебните чувствителности на поединечни композитори“, рече тој, „музиката на секое ниво треба да одговара на она што е најсоодветно за литургискиот момент што се слави.“
Папата истакна дека нејзината форма, особено во мелодиската димензија, „треба истовремено да биде благородна и едноставна, со висок музички квалитет и лесна за изведување, особено кога е наменета да ја пее целата заедницабрание“.
Од истата причина, повтори тој, сакралното пеење „треба да биде соодветно, длабоко и истовремено лесно разбирливо, црпејќи пред сè од Светото Писмо, литургиските книги и духовната традиција на Црквата“.
Според Папата, ова бара внимателно расудување, а конституцијата особено го нагласува активното учество на верниците.
Грегоријанскиот напев и оргулите имаат посебно место
Папата Лав XIV забележа дека Соборот му дава големо значење на грегоријанскиот напев, без притоа да ги исклучува другите форми на сакрална музика од литургиското славење.
Тој потсети и дека Соборот бара оргулите „да се држат во голема почит во Латинската Црква, бидејќи тие се традиционален музички инструмент чиј звук може да им даде сјај на црковните обреди и да ги издигне мислите на луѓето кон Бога и кон повисоките работи“.
Папата додаде дека може да се дозволат и други инструменти, „доколку се соодветни или можат да се приспособат за света употреба“.
Богослужението треба да се очисти од невкус и недостојни изрази
Светиот Отец рече дека композиторите на сакрална музика се „повикани да го познаваат и чуваат музичкото наследство на Црквата, дозволувајќи тоа да ги вдахновува новите композиции во служба на литургијата, со почит кон современите чувствителности и различните културни традиции“.
Во овој контекст, папата Лав XIV потсети дека неговиот претходник, свети Iван Павле II, ја нагласил потребата „богослужението да се очисти од стилска грдост, од невкусни облици на изразување и од невдахновени музички текстови што не се достојни за големиот чин што се слави“, за да се обезбедат достоинство и извонредност на литургиските композиции.
Истовремено, Папата забележа дека композиторот треба да има предвид дека литургиската музика не може да се оценува само според уметничкиот квалитет.
Музиката наменета за светите обреди, рече тој, треба да одговара и на посебните барања наЛитургијата. Таа треба тесно да се придржува до текстот, да одговара на литургискиот момент за кој е наменета и соодветно да ги одразува гестовите и карактерот на обредот.
На крајот, Папата ја повтори препораката на Соборот за соодветна формација и практика на сакралната музика во семинариите, во новицијатите и учебните домови на машките и женските монашки заедници, како и во другите католички институции и училишта. Притоа, додаде тој, секогаш треба да се обезбеди музичарите и пејачите да добијат солидна литургиска формација.
Папата Лав XIV ја заврши катехезата потсетувајќи дека Отците на Црквата високо го ценеле литургиското пеење како знак на црковното заедништво.
Тој го цитираше свети Игнатиј Антиохиски, кој во Посланието до Ефесјаните пишува дека верниците треба „да се устројат како хор“, за „во своето единство, земајќи го тонот од Бога, со еден глас преку Исус Христос да Му пеат песна на Отецот“.
Ватикан њуз/к.мк

