Генерална аудиенција: Преминувајќи од старата во новата година, да му довериме сè на Бога
На последната Генерална аудиенција во 2025 година, папата Лав XIV ги повика верниците да се заблагодарат за минатото, да побараат прошка и да го доверат патот што претстои на Божјата милост.
За време на неговата последна Генерална аудиенција за годината во среда, 31 декември 2025 година, папата Лав XIV потсети дека изминатите месеци биле обележани со најразлични настани.
„Некои од нив радосни“, рече тој, „како што е ходочестието на толку многу верници по повод Светата Година; други болни, како што е смртта на покојниот папа Фрањо и сценаријата за војна што продолжуваат да ја потресуваат планетата“.
Токму поради оваа причина, додаде тој, Црквата ги повикува верниците да принесат сè – радостите и страдањата подеднакво – пред Бога, молејќи Го „да ги обнови, во нас и околу нас, во наредните денови, чудата на неговата благодат и милост“.
Молитвата Те Деум
Имајќи го ова предвид, папата Лав размислуваше за древната традиција на свеченото „Te Deum“ кое се пее навечер на 31 декември.
„Во оваа динамика“, објасни тој, „свое место наоѓа традицијата на свеченото пеење на „Те Деум“, со кое вечерва ќе му се заблагодариме на Господ за благословите што ги примивме.“
Цитирајќи го папата Фрањо, тој ја спореди оваа благодарна молитва со она што го нарече световен став. „Иако „светската благодарност и светската надеж се очигледни… тие се фокусирани на себеси, на своите интереси“, рече во една прилика папата Фрањо. „На оваа Литургија… се вдишува сосема поинаква атмосфера: атмосфера на пофалба, восхит, благодарност“.
Овој дух на благодарност, продолжи папата Лав, повикува и на вистинитост на срцето. „Со овие ставови“, рече тој, „повикани сме да размислуваме за она што Господ го направи за нас во текот на изминатата година“, а исто така „чесно да ја испитаме нашата совест“, барајќи прошка „за секогаши кога не успеавме да ги цениме неговите вдахновенија и да ги инвестираме талентите што ни ги доверил на најдобар можен начин“.
Патување со цел
Потоа Папата посочи на вториот знак што ја одбележа јубилејната година: оној на патувањето. „Оваа година“, забележа тој, „безброј ходочесници дојдоа од целиот свет за да се молат на гробот на Петар и да ја потврдат својата приврзаност кон Христос“.
Нивното ходочестие, објасни тој, ја отсликува длабоката вистина на човечкото постоење. „Целиот наш живот е патување чија крајна цел ги надминува просторот и времето“, патување исполнето „во средбата со Бога и во целосно и вечно заедништво со Него“.
Оваа надеж наоѓа глас, додаде тој, кога Црквата се моли со Te Deum: „Доведи нè со твоите светци во вечна слава“.
Светата врата
Трет знак, продолжи Папата, се појавува во светлината на вечноста: преминот низ Светата Врата. „Толку многумина од нас“, рече тој, „го направија овој гест, молејќи се и барајќи прошка за себе и за нашите најблиски“.
Преминувањето на прагот, објасни тој, го изразува „нашето „да“ на Бога“, кој нè поканува, преку простување, „да го преминеме прагот на нов живот, оживеан од благодатта, усогласен според Евангелието“.
Цитирајќи го папата Павле VI, папата Лав нагласи дека овој живот е „разгорен од љубовта кон ближниот, во чија дефиниција… е вклучен секој човек“, дури и оние „кои ни се лично непознати, дури и ако се досадни и непријателски настроени“, но секогаш „обдарени со неспоредливо достоинство на брат“.
„Ова“, рече Папата, „е нашето „да“ за живот кој се живее со посветеност во сегашноста и е насочен кон вечноста“.
„Нека се радува грешникот“
Размислувајќи за овие знаци во светлината на Божиќ, папата Лав потсети на зборовите на Свети Лав Велики, кој го сметал Рождеството Христово како објава на универзална радост. „Нека се радува светецот, бидејќи се приближува кон својата награда; нека се радува грешникот, бидејќи му се нуди прошка; нека се охрабри незнабожецот, бидејќи е повикан на живот“.
„Оваа покана“, рече Папата, „денес ни е упатена на сите нас.“ На крстените, „затоа што Бог стана наш сопатник на патот кон вистинскиот живот“; на грешниците, „затоа што, им е простено, со Неговата благодат можеме да станеме и повторно да појдеме“; и на сиромашните и кревките, затоа што Господ, „правејќи ја нашата слабост своја, ја искупи“.
Бог е љубов
Како заклучок, папата Лав потсети на јубилејот од 1975 година, истакнувајќи како папата Павле VI ја сумираше неговата порака во еден збор: „љубов“.
„Бог е љубов!“, рече папата Павле VI за време на таа аудиенција. „Бог ме сака! Бог ме чекаше и јас го најдов! Бог е милост! Бог е прошка! Бог е спасение! Бог, да, Бог е живот!“
„Овие мисли“, заклучи папата Лав XIV, „нека нè придружуваат на преминот од старата кон новата година, но и секогаш, во нашите животи.“
Ватикан њуз/к.мк

