Папата Лав XIV ја одржа својата Генерална аудиенција во среда, во која размислуваше за евангелскиот извештај за исцелувањето на слепиот човек кој викал кон Исус и почнал да го следи откако му се повратил видот.
Папата Лав XIV ја искористи својата катехеза на Генералната аудиенција во среда, 11 јуни 2025 година, за да истакне „друг суштински аспект од животот на Исус, имено, Неговите исцелувања“.
Светиот Отец се осврна на евангелскиот извештај за исцелувањето на слепиот човек, Вартимеј, кој викал кон Исус додека Тој минувал низ градот Ерихон на пат кон Ерусалим.
Нивното место за средба, рече Папата, е значајно, бидејќи Исус го започнуваше Своето патување под нивото на морето и се искачуваше кон Светиот Град. Патувањето на Исус го најавува Неговиот премин во подземјето, каде што отиде по Својата смрт „за да го врати Адам кој падна во амбисот и го претставува секој од нас“.
Името на слепиот човек, Вартимеј, е исто така значајно бидејќи претставува некој што не успеал да го исполни својот повик. Папата истакна дека името може да се толкува како „син на чест или восхит“, додека во реалноста тој е сведен на просјак покрај патот.
Папата Лав нагласи дека Вартимеј знае како да повика за помош, дури и кога е прекоруван од народот; и, покрај тоа што е слеп, „тој гледа подобро од другите затоа што препознава кој е Исус“.
Исус одговара на неговиот повик, бидејќи, како што потсети Папата, „нема повик што Бог не го слуша – дури и кога не сме свесни дека Му се обраќаме“.
Сепак, забележа Папата, Исус не оди кај Вартимеј, туку го повикува кај Него. Вартимеј, од своја страна, мора да го „фрли својата горна облека“, откажувајќи се од сигурноста која ја има, за да му дозволи на Исус да го исцели.
„Многу пати токму нашите сигурности ни се пречка“, рече Папата Лав. Како и слепиот човек, мора да застанеме откриено пред Христос со сите наши ранливости– „тоа е основниот чекор на патот за исцелување“.
На крајот, Светиот Отец го насочи вниманието кон прашањето што Исус му го поставува на Вартимеј: „Што сакаш да ти направам?“, и неговиот одговор: „Да прогледам, Учителе“. Овој одговор, кој може да се толкува и како „да погледнам нагоре“, покажува дека слепиот не сака само да ја поврати физичката способност за гледање, туку и да ја „поврати својата достоинственост“.
„Некогаш“, рече Папата Лав, „луѓето остануваат заглавени, бидејќи животот ги понижил, и тие едноставно сакаат повторно да ја пронајдат својата вредност.“
Тој потсети дека, како и Вартимеј, сите ние сме спасени преку верата. „Исус нѐ исцелува за да можеме да бидеме слободни. И, покрај тоа што Господ не го повикува Вартимеј да Го следи, тој слободно избира да го направи тоа – да Го следи Оној кој е Патот!“
Папата Лав ја заврши својата катехеза повикувајќи ги верниците со доверба да Му ги доверат на Исус своите слабости, оние на своите ближни, и болката „на оние кои се чувствуваат изгубени и без излез“.
„Да повикаме и за нив“, рече тој, со сигурноста „дека Господ ќе нѐ чуе – и ќе застане“.
Ватикан њуз/к.мк