Генерална аудиенција: Не купувајте производи направени со детска работа!

Генерална аудиенција: Не купувајте производи направени со детска работа!

На генералната аудиенција Папата зборуваше за милионите деца кои денес се принудени да работат и истакна дека најмалите ја плаќаат највисоката цена за распространетото сиромаштво, немањето социјални средства за издржување на семејството и несигурната работа. Неопходно е да се разбуди совеста и да се примени близина и конкретна солидарност со малтретираните деца и млади, рече Папата и ги охрабри новинарите да ја информираат јавноста за овој проблем и да го осудат.

Катехезата на Генералната аудиенција во среда 15 јануари 2025 година папата Фрањо ја посвети на односот кон децата и ги повика сите да им овозможат мирно детство и растење.

Имено, како што рече, и денес во светот се принудени да работат стотици милиони малолетни деца, а многу од нив на особено опасни работни места. Папата ги спомна и децата кои се робови на трговија со луѓе заради проституција или порнографија, како и присилни бракови. „Злоупотребата на малолетници, од која било природа, е суров и одвратен чин. Тоа не е само рак на рана на општеството и злосторство, туку и многу сериозно кршење на Божјите заповеди.

Да се разбуди совеста и да се заштитат малолетниците

Ниту еден малолетник не треба да биде подложен на злоупотреба. Дури и еден случај е премногу!“ предупреди Светиот Отец:

Затоа, неопходно е да се разбуди совеста, да се покаже на дело близина и конкретна солидарност со злоупотребените деца и млади луѓе и, истовремено, да се изгради доверба и синергија меѓу оние кои се залагаат да им се обезбедат можности и безбедни места каде што мирно ќе раснат.

Сиромаштво, недоволна поддршка а семејствата, маргинализација

„Некои од факторите чиј товар најмногу паѓа на најмладите и за кои тие плаќаат највисока цена се широко распространетото сиромаштво, недостатокот на социјални алатки за поддршка на семејствата и маргинализацијата, која се зголеми во последните години, заедно со невработеноста и несигурната работа, рече Папата, додавајќи дека и самите често ја вртиме главата кога ги гледаме тие изгубени животи на улица, во соседството или во парохијата.

Истакна дека ни е тешко да ја препознаеме социјалната неправда која принудува две деца, можеби од иста населба или дури и од станбена зграда, на дијаметрално спротивни патишта или судбини, само затоа што едното од нив е родено во сиромашно семејство. „Тоа е неприфатлив човечки и социјален дефект: меѓу оние кои можат да сонуваат и оние кои мора да се предадат“, нагласи Папата и продолжи:

Исус сака сите да бидеме слободни и среќни; и ако го сака секој маж и секоја жена како свој син или ќерка, тој ги сака малите со сета нежност на своето срце. Затоа бара да застанеме и да ги слушаме страдањата на оние кои немаат глас, и оние кои немаат образование. Борбата против експлоатацијата, особено детската експлоатација, е главниот пат за изградба на подобра иднина за сите.

Не учествувајте во експлоатација на деца

На прашањето што може да се направи за да се спречи тоа, Папата напомена дека е неопходно да се искорени детската работа, така што нема да учествуваме во тоа, на пример, со купување производи во чие производство се користи детска работа.

Институциите, вклучително и црковните институции и претпријатијата, исто така, треба да бидат одговорни: тие можат да направат разлика со пренасочување на нивните инвестиции кон бизниси кои не користат или дозволуваат детска работа. Многу земји и меѓународни организации веќе имаат донесено закони и упатства против детската работа, но може да се направи повеќе. Ги повикувам и новинарите да го направат својот дел од работата: тие можат да придонесат луѓето да бидат свесни за овој проблем и да помогнат да се најде решение. Не плашете се да разоткривате вакви работи!

На крајот, Светиот Отец им се заблагодари на сите оние кои не ја вртат главата кога ќе видат деца принудени да пораснат прерано и ја спомена Света Тереза, мајка на најсиромашните и најзаборавените девојчиња и момчиња, повикувајќи ја да не придружува за да можеме вистински да ги забележуваме малите кои се невидливи. „Затоа што среќата на најмалите гради мир за сите“, рече на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот