Генерална аудиенција: Вториот ватикански собор нè повикува да бидеме храбри сведоци на правдата и мирот
На првата Генерална аудиенција оваа година, Папата започна нов циклус катехези насловен „Вториот ватикански собор преку неговите документи“, за да можат учењата што произлегоа од него да се применат во пракса. Светиот Отец нагласи дека Соборот ни помогна да се отвориме кон светот и да ги препознаеме промените и предизвиците на модерното време преку дијалог и соодговорност.
Започнувајќи ја првата катехеза по завршувањето на Јубилејната година, папата Лав XIV во среда 7 јануари 2026 година, објави дека новиот циклус на катехеза, кој следи по циклусот за таинствата од животот на Исус, ќе биде посветен на Вториот ватикански собор и повторното читање на неговите документи. Папата додаде дека ова е драгоцена можност повторно да се открие убавината и важноста на овој црковен настан, чија шеесетгодишнина ја одбележавме минатата година, заедно со годишнината од Никејскиот собор. Притоа, тој нагласи:
Затоа, иако го чувствуваме повикот да не ги игнорираме неговите пророштва и да продолжиме да бараме начини и средства за да ги оствариме неговите намери, важно е повторно да го запознаеме одблизу, не преку „приказни од втора рака“ или толкувања што му се дадени, туку преку повторно читање на неговите документи и размислување за нивната содржина. Всушност, ова е учење кој денес претставува ѕвезда водилка за патот на Црквата. Како што поучуваше Бенедикт XVI, „со текот на годините, документите не ја изгубиле својата важност; нивните учења се покажуваат како особено соодветни во однос на новите барања на Црквата и на денешното глобализирано општество“.
Светиот Отец истакна дека делото на бројните Отци на Соборот собрани таму, кои доаѓаа од Цркви од сите континенти, навистина го отвори патот за нова црковна ера. Затоа, тој рече:
Вториот ватикански собор го откри повторно лицето на Бога како Отец кој нè повикува во Христос да бидеме негови деца; ја гледа Црквата во Христовата светлина, Светлина на народите, како таинство на заедништво и таинство на единство меѓу Бога и неговиот народ; иницираше важна литургиска реформа, ставајќи го во центар танството на спасение и свесното и активно учество на целиот Божји народ. Исто така, ни помогна да се отвориме кон светот и, во дијалог и соодговорност, да ги препознаеме промените и предизвиците на модерното време, како Црква која сака да допре до човештвото, да стане ехо на надежите и грижите на народите и да соработува во изградбата на поправедно и братско општество.
Повикувајќи се на зборовите на светиот папа Павле VI, кој рече дека благодарение на Вториот ватикански собор, Црквата станува слово; Црквата станува порака; Црквата станува дијалог, посветена на потрагата по вистината преку екуменизам, меѓурелигиски дијалог и дијалог со луѓето со добра волја, Светиот Отец додаде:
Овој дух, таа внатрешна расположеност, треба да го карактеризира нашиот духовен живот и пасторалното делување на Црквата, бидејќи треба поцелосно да ја реализираме црковната реформа во официјален клуч и, соочени со денешните предизвици, повикани сме да останеме внимателни толкувачи на знаците на времето, радосни гласници на Евангелието, храбри сведоци на правдата и мирот.
Браќа и сестри, продолжи Папата, она што Свети Павле VI им го кажа на соборските Отци на крајот од нивната работа останува и денес за нас критериум; тој потврди дека дојде часот на заминување, на напуштање на собранието на Соборот за да се излезе во пресрет на човештвото и да му се донесе радосната вест за Евангелието, со свест дека е доживеано времето на благодат во кое минатото, сегашноста и иднината се соединети – нагласи Римскиот епископ и додаде:
Минатото: затоа што Црквата Христова е собрана тука, со својата традиција, својата историја, своите Собори, своите Учители, своите Светии. […] Сегашноста: затоа што се разделуваме за да одиме во пресрет на денешниот свет, со неговите беди, неговите болки, неговите гревови, но и со неговите прекрасни достигнувања, вредности и доблести. […] Иднината, конечно, се наоѓа таму, во силниот крик на луѓето за поголема правда, во нивната волја за мир, во нивната свесна или несвесна жед за повозвишен живот: токму оној што Црквата Христова може и сака да го даде.
„Приближувајќи се кон документите од Вториот ватикански собор и повторно откривајќи ја нивната пророчка актуелност, ја прифаќаме богатата традиција на животот на Црквата и, во исто време, ја преиспитуваме сегашноста и ја обновуваме радоста за храбро соочување со светот со цел да му го донесеме Евангелието на Царството Божјо, царство на љубовта, правдата и мирот“, заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

