Со архиерејска Литургија во Радово свечено одбележано чествувањето на Марија од Назарет

Со архиерејска Литургија во Радово свечено одбележано чествувањето на Марија од Назарет

Во недела, 4 октомври 2026 година, во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов, служеше света архиерејска Литургија по повод чествувањето на Марија од Назарет.

Со епископот Стојанов сослужуваа деканот и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј-ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот отец Илија Стојанов, протојереј отец Гоце Костов, отец Трајче Ташев, отец Ѓорги Динов, отец Ристо Самарџиски, отец Ванчо Назов, и отец Атанас Сирачев.

Свеченоста започна со молитва на светата Бројаница, по што следуваше процесија со статуата на Марија од Назарет околу парохиската црква. Потоа започна светата архиерејска Литургија, на која присуствуваа верници од Радово и од други парохии, како и гости од странство.

Во својата проповед епископот Стојанов посебно се осврна на чествувањето на Марија од Назарет во Радово и на силната богородична побожност што со години се негува во парохијата. Тој истакна дека подготовката за празникот, молитвата, светата Исповед и процесиите се видлив израз на верата на верниците и на нивната поврзаност со Пресвета Богородица.

Зборувајќи за местото на Марија во животот на христијанското семејство, епископот ги повика верниците да ја негуваат заедничката молитва во своите домови и да ѝ дадат достоинствено место на светите икони. Во тој контекст го посочи и примерот на Радово, каде почитувањето на Марија од Назарет е присутно во молитвениот и парохискиот живот, како и преку капелата посветена на неа.

„Нашата поврзаност со Марија и нашата побожност кон Пресвета Дева Марија имаат особено место во животот на македонските католици. Тоа е дел од нашиот духовен идентитет“, порача епископот Стојанов, нагласувајќи дека ова духовно наследство треба да се чува и да се пренесува на идните поколенија.

Осврнувајќи се на октомври како месец посветен на светата Бројаница, епископот ги повика верниците истрајно да се молат, особено за мир во светот, во своите семејства и парохиски заедници, како и преку социјалните мрежи и Радио Марија.

На крајот од светата Литургија, парохот отец Илија Стојанов им се заблагодари на сите кои на различни начини придонесоа за подготовката и достоинственото одбележување на чествувањето на Марија од Назарет.

По Литургијата, епископот Стојанов го благослови заедничкото агапе во дворот на црквата, подготвено од Црковниот одбор и верниците од парохијата.

Чествувањето на Марија од Назарет беше завршница на Тродневницата што започна во четврток, 1 октомври, со заедничка накана за нови духовни звања. Во текот на трите дена верниците учествуваа на света Литургија, молитва на светата Бројаница, духовни наговори, Молебен до Пресвета Богородица и процесија до капелите и Крстот во Радово, а имаа и можност за света Исповед.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот