На 21 јуни 2026 година, во католичката црква во Куманово, свечено беше одбележан празникот на свети Иван Крстител, заштитник на парохијата.
Евхаристиското славење го предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение со протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов – директор на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец Марјан Ристов – бискупски канцелар, отец Тони Ангелов – парох во Штип, дон Максимилијан Ферлин – директор на Гимназијата во Пазин, Хрватска, и дон Томаш Бак – парох во Куманово и Битола. На славењето присуствуваше и дон Карол Томашевски од Полска.
Бројна заедница верници се собра на заедничка молитва, благодарејќи Му на Бога за изминатата пасторална година и за сите примени благодати.
Во својата проповед, бискупот Стојанов истакна дека секој христијанин е повикан од Господ да ја сведочи радосната вест за Христос во својот живот, во семејството и во општеството. Тој ги охрабри верниците да не се плашат од никого и од ништо кога станува збор за сведочењето на верата, туку со доверба во Бога да бидат живи сведоци на Евангелието.
Празничното славење беше можност верниците да ја обноват својата вера, да го зацврстат заедништвото и да Му заблагодарат на Бога за животот и посланието на црковната заедница во Куманово.
к.мк

