Во вторник, 24 декември 2024 година свечената полноќна божиќна света Литургија, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во сослужение со катедралниот парох дон Винко Маслаќ, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов и катедралниот капелан патер Томислав Рукавина.
На свеченоста присуствуваше претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на МПЦ – ОА, претставници на државни институции, членови на дипломатскиот кор во Македонија, црковни и граѓански асоцијации и голем број верници.
Бискупот Стојанов на почетокот од проповедта ги поздрави присутните, а потоа се осврна на таинството на Рождеството Христово, истакнувајќи дека токму на Бадник, со отворање на Светите врати во ватиканската базилика Свети Петар започнува Јубилејната година во Католичката црква, годината на благодатта, во која според библиската традиција ќе имаме можност да се вклучиме и да се предадеме на Божјата милост и на неговото простување. Меѓу другото истакна дека во Јубилејната година верниците ќе можат да добијат потполн опрост од времените казни за направените гревови, исполнувајќи ги определните услови дадени од Црквата.
Понатаму, зборувајќи за јубилејниот опрост и Јубилејната година, епископот Стојанов рече дека катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, како и светилиштето „Света Мајка Тереза“ во НУ Спомен куќа на Мајка Тереза во Скопје и светилиштето „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци се одредени за ходочеснички јубилејни места, а со тоа и места за добивање јубилејна прошка во оваа Света година.
Во продолжение на проповедта го истакна мотото на Јубилејната година, кое гласи „Ходочесници на надежта“ и рече: „Во ова благодатно време, кога радосно го очекуваме празнувањето на празникот на раѓањето на Синот Божји и неговото вклучување во нашата историја, не можеме да ги затвориме очите, а да не видиме толку многу превирања и немири во светот.
Зборувајќи за христијанската надеж истакна дека таа е вкоренета во верата во божественото спасение во Христа, во Кого се наоѓа исполнувањето на сите старозаветни ветувања и додаде: „Кога времето се исполни, Бог го испрати својот Син во светот да го откупи човекот и да му го врати првобитното достоинство што му го даде создавајќи го според својот образ и подобие и вдишувајќи му дух животен. Во оваа света Јубилејна година ја славиме оваа неизмерна љубов Божја која Тој ја покажува кон човечкиот род. Носени од оваа надеж во Божикната радост, да одиме во пресрет на Синот Божји и понизно да го замолиме да ни ја умножи верата, да ни ја зајакне надежта и да ни ја усоврши љубовта и да ги насочи нашите нозе на патот на мирот.“
За време на светата божиќна полноќна Литургија пееше катедралниот хор под водство на Јулија Нелковска, а на оргули свиреше Филип Костов.
к.мк