Ангел Господов: Христос им дава глас на угнетените и ја победува идеологијата што ги прави луѓето глуви за вистината
Пред пладневната молитва Ангел Господов на 14 декември, Папата зборуваше за Евангелието според Матеј, повторувајќи дека Исус продолжува да нé поучува преку сиромашните, маргинализираните и болните. Како Иван Крстител, затворен поради проповедање, Папата нè повика да не губиме надеж и да бидеме „слободен глас во потрагата по вистината и правдата“.
Во недела, 14 декември2025 година, светот на затворите го слави својот јубилеј. Ходочесници од различни националности со знамиња, како и туристи, се собраа на плоштадот „Свети Петар“ за да ги слушнат размислувањата на папата Лав XIV во неговата пладневна проповед на оваа трета недела од Адвентот, која започнува со Евангелието според Матеј. Иван Крстител е зад решетки поради своите проповеди, но иако страда во затвор, не ја губи надежта; дури и во окови, тој и понатаму е слободен глас во потрага по вистината и правдата. И од затворот тој прашува, го бара Месијата и прашува: „Дали си ти оној што треба да дојде, или да чекаме друг?“
Последниот во центарот
Одговорот на Исус – рече Папата – го насочува нашето внимание кон оние на кои тој ги сакал и им служел, а кои уште се во срцето на Црквата и денес.
Токму тие: последните, сиромашните, болните зборуваат во негово име. Христос открива кој е преку она што го прави, а она што го прави е знак на спасение за сите нас. Всушност, кога ќе го сретне Исус, животот лишен од светлина, зборови и задоволство повторно добива смисла: слепите гледаат, немите зборуваат, глувите слушаат. Божјиот лик, обезличен од лепра, повторно добива целовитост и здравје. Дури и мртвите, целосно нечувствителни, се враќаат во живот. Ова е Евангелието на Исус, добрата вест објавена на сиромашните: кога Бог доаѓа на светот, тоа се гледа!
Христе, надеж во часот на искушението
Божјото Слово има власт да ослободува и лекува – рече Папата, охрабрувајќи да бидеме радосни затоа што Христос е нашата надеж, особено во време на искушенија, кога животот ја губи смислата и ни е тешко да го слушаме нашиот ближен.
Тој им дава глас на угнетените, кои се лишени од својот глас поради насилство и омраза; Тој ја победува идеологијата, која нè прави глуви за вистината; Тој лекува од илузиите што го искривуваат телото. Словото на животот така нè искупува од злото што го води срцето во смрт. Затоа, како ученици Господови, во ова време на Адвент сме повикани да го обединиме очекувањето на Спасителот со вниманието кон она што Бог го прави во светот. Тогаш ќе можеме да ја доживееме радоста на слободата што произлегува од средбата со нашиот Спасител…
Апел за Демократска Република Конго
На крајот од молитвата Ангел Господов, откако се сети на беатификациите прославени вчера во Шпанија и Франција и на бројните храбри маченици убиени за својата вера, папата Лав XIV го повтори својот повик за мир. Тој рече дека со голема загриженост го следи повторното избувнување на конфликтот во источниот дел на Демократска Република Конго и изразувајќи ја својата близина до населението, ги повика страните во конфликтот да престанат со секакво насилство и да продолжат со конструктивен дијалог, почитувајќи ги мировните процеси што се во тек.
Ватикан њуз/к.мк

