Во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов на 17 јули 2022 година Папата поттикна да дозволиме да бидеме испрашувани од Божјото Слово, „прашувајќи се како ни оди во животот, дали е во склад со она што го кажува Исус“.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Евангелието за денешната Литургија ни дава живописна домашна слика со Марта и Марија, две сестри кои му понудиле на Исус гостопримство во својот дом (сп. Лука 10, 38-42). Марта веднаш оди на работа за да искаже гостопримство на гостинот, додека Марија седи при нозете Исусови за да го слуша. Поплаката на Марта не изгледа непристојно; напротив, сметаме дека треба да и дадеме право. А сепак, Исус ѝ одговара: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе.“ (Лука 10, 41-42). Тоа е изненадувачки одговор. Но, Исус многупати од основа го превртува нашиот начин на размислување. Тогаш, да се запрашаме зошто Господ, иако ја цени великодушната грижа на Марта, вели дека треба да се даде предност на ставот на Марија.
Изгледа дека „филозофијата“ на Марта е оваа: најпрво должноста, а потоа задоволството. Гостопримството, всушност, не се состои од убави зборови, туку бара работа во кујната, да се вложи труд да се направи се што е потребно гостинот да се чувствува добредојден. Исус многу добро го знае ова. И тој ја признава посветеноста и трудот на Марта. Сепак, сака да и даде до знаење дека има нов редослед на приоритети, различен од оној што го следеше дотогаш. Марија почувствува дека има „ подобар дел “ што треба да се стави на прво место. Сè друго доаѓа подоцна, како млаз вода што блика од извор. А што е тој „подобар дел“? Тоа е слушање на Исусовото Слово. Во Евангелието се вели: „Марија седна при нозете Господови и го слушаше Неговото слово (сп. ред 39). Забележете го ова: таа не слушаше додека стоеше, додека правеше други работи, туку седеше при Исусовите нозете. Таа сфати дека Тој не е гостин како другите. На прв поглед се чини дека дошол да прима, бидејќи му треба храна и сместување. Всушност, Учителот дојде да се даде себеси преку неговото Слово.
Исусовото Слово не е апстрактно, тоа е учење што го допира и обликува животот, го менува, го ослободува од темнината на злото, го исполнува со задоволство и влева радост што не поминува: Исусовото Слово е подобриот дел, оној што го избра Марија. Затоа Марија му дава прво место: застанува и слуша. Останатото ќе дојде подоцна. Ова не ја намалува вредноста на практичната ангажираност, но не смее да претходи, туку мора да произлезе од слушањето на Исусовите зборови, тоа мора да биде продуховено од неговиот Дух. Инаку, се сведува на грижа и вознемиреност за многу работи, на неплоден активизам.
Браќа и сестри, да го искористиме ова време за одмори за да застанеме и да го слушаме Исус. Во денешно време сè потешко е да се најдат слободни моменти за медитација. За многумина, темпото на работа е френетично, исцрпувачко. А летното време може да биде скапоцено за отворање на Евангелието и читање бавно, без брзање. Секој ден по еден пасус, мал дел од Евангелието; ни помага да влеземе во динамиката на Исус. Да го доживееме поттикот на тие страници, да се запрашаме каков е нашиот живот, мојот живот, дали мојот живот е во согласност со она што го кажува Исус или не. Да се запрашаме на посебен начин: кога го започнувам денот, дали безглаво се фрлам на работите што треба да ги завршам или прво барам вдахновение од Божјото Слово? Некогаш денот го започнуваме автоматски, веднаш почнуваме да работиме. Но не, денот треба да започне така што најпрво ќе го погледнеме Господ, читајќи го Неговото Слово, кратко, но тоа нека биде вдахновение за тој ден. Ако наутро излеземе од дома чувајќи го во мислите Исусовото Слово, денот ќе ни биде одбележан со тоа Слово, кое има сила да ги упатува нашите постапки кон она што го посакува Господ.
Дева Марија нека не научи да го избереме подобриот дел, кој никогаш нема да ни се одземе.
Ватикан њуз/к.мк