Во недела, 11 август 2024 година, папата Фрањо молеше Ангел Господов од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата со околу 12 илјади верници и ходочесници собрани на плоштадот „Свети Петар“. Ви го пренесуваме целосното обраќање на Папата до верниците пред молитвата Ангел Господов.
ПАПА ФРАЊО
АНГЕЛ ГОСПОДОВ
Плоштад „Свети Петар“
Недела, 11 август 2024 година
Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!
Евангелието за денешната Литургија (Иван 6,41-51) ни зборува за реакцијата на Јудејците на Исусовата изјава и зборови: „Слегов од небото“ (Иван 6 38). Се соблазнија.
Мрморат меѓу себе: Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Он вели: Слегов од небото.“ (Иван 6,42). И така мрморат. Да обратиме внимание што велат. Тие се уберени дека Исус не може да дојде од небото, затоа што е син на дрводелец и затоа што неговата мајка и браќата се обични луѓе, луѓе кои ги познаваат, кои во ништо не се издвојуваат од другите, како и многу други. „Како можеше Бог да се покаже на толку обичен начин?“, си велат. Блокирани се, во нивната вера, од предрасудите за неговото скромно потекло и во исто време блокирани од претпоставката дека немаат што да научат од него. Колку зло прават предрасудите и претпоставките! Спречуваат искрен дијалог, зближување меѓу браќата: чувајте се од предрасуди и претпоставки! Тие имаат свои строги шеми и во нивните срца нема место за она што не се вклопува во нив, за она што не можат да го каталогизираат и архивираат на правливите полици на нивната сигурност. И тоа е вистина: многу пати нашите сигурности се затворени, правливи, како стари книги.
Сепак, тоа се луѓе кои го почитуваат законот, даваат милостина, ги почитуваат постите и времето за молитва. Освен тоа, Христос веќе извршил разни чуда (сп. Иван 2,1-11; 4, 43-54; 5, 1-9; 6, 1-25). Па како сето тоа не им помага да го препознаат како Месија!? Зошто не им помага? Затоа што ги извршуваат своите верски обичаи не толку за да го слушаат Господа, туку за да најдат во нив потврда на она што веќе го мислат. Затворени се за словото Господово и бараат потврда за сопствените мисли. Тоа го покажува фактот што не се ни мачат да побараат објаснување од Исус: едноставно мрморат меѓу себе против Него (сп. Иван 6,41), како да сакаат да се уверат меѓусебно во она во што се убедени и самите се затвораат, затворени се како во некоја непробојна тврдина. И затоа не успеваат да веруваат. Затвореност на срцето: колку само зло прави, колку зло прави!
Добро да обратиме внимание на сето тоа, бидејќи понекогаш може да ни се случи истото, во нашиот верски живот и во нашата молитва: да ни се случи, наместо вистински да слушаме што има да ни каже Господ, ние бараме од Него и од другите само потврда за она што го мислиме, за нашите уверувања, нашите судови, кои се предрасуди. Но, таквиот начин на обраќање кон Бога не ни помага вистински да се сретнеме со Него, не ни помага да се отвориме за дарот на неговата светлина и неговата благодат, за да растеме во добрина, да ја вршиме Неговата волја и да ги надминеме затворењата и тешкотии. Браќа и сестри, верата и молитвата, вистинската вера и вистинската молитва, го отвораат, а не затвораат, умот и срцето. Кога ќе сретнете личност чие срце е затворено за молитва, таа вера и таа молитва не се вистинска вера и вистинска молитва.
Затоа, да се запрашаме: дали во мојот верски живот на верата, навистина сум способен за внатрешна тишина и слушање на Бога? Дали сум подготвен да го прифатам неговиот глас надвор од моите шеми и во исто време да ги надминам, со Неговата помош, моите стравови?
Марија нека ни помогне со вера да го слушаме Господовиот глас и храбро да ја вршиме неговата волја.
Ватикан њуз/к.мк