Папата Лав XIV ги повика теолозите да ја соединат верноста кон Апостолското предание со способноста да ги препознаваат културните и општествените промени во современиот свет. Во обраќањето до Меѓународната теолошка комисија, на нејзиното прво пленарно собрание од новиот петгодишен мандат, Светиот Отец истакна дека верата треба да биде верно пренесувана и истовремено разбирливо присутна во животот на различните народи и култури.
Папата посочи две главни теми во работата на Комисијата, Апостолското предание и инкултурацијата на верата. Теолошкото истражување, нагласи тој, треба да ѝ помогне на Црквата да ги чита новите предизвици во светлината на Евангелието и да ја препознава сегашноста како можност за лично и заедничко преобраќање.
Осврнувајќи се на Апостолското предание, Лав XIV потсети на учењето на Вториот ватикански собор дека Црквата од генерација на генерација го пренесува она што е и она во што верува, преку учењето, животот и богослужението. Во тој контекст го цитираше и Бенедикт XVI, кој Преданието го опишува како трајно присуство на Спасителот, Кој преку Светиот Дух и службата на Црквата продолжува да го сретнува, осветува и спасува човекот.
Според Папата, верноста кон Преданието вклучува и продлабочување на разбирањето на верата. Тој како примери ги наведе прашањата поврзани со војната, ропството и смртната казна, нагласувајќи дека Црквата низ историјата може подлабоко да ги согледува принципите што произлегуваат од Евангелието.
Втората тема беше инкултурацијата, односно начинот на кој христијанската вера се вкоренува во различни култури. Лав XIV потсети на зборовите на свети Павле VI дека Евангелието треба длабоко да навлезе во човечките култури, како и на мислата на свети Иван Павле II дека верата што не станува култура останува недоволно прифатена и недоволно живеена.
Според Папата, денешниот историски момент бара нова фаза на инкултурација, со внимание кон посебностите на народите, локалните култури и различните општествени средини. Тоа треба да се одрази во проповедањето, катехезата, формацијата и литургиското славење.
Посебно место во овој процес има народната побожност. Таа, според Лав XIV, покажува како верата се вкоренува во една култура и потоа преку неа се пренесува на новите генерации.
На крајот Папата нагласи дека Апостолското предание и инкултурацијата бараат од теолозите верност, мудрост, креативност и љубов кон Божјиот народ. Нивната задача е да ѝ служат на живата Вистина, која го има лицето на Исус Христос и која продолжува да се пренесува низ историјата, влегувајќи во животот на различните култури.
к.мк

