Папата Лав XIV се заблагодари за поддршката за новите касарни на Швајцарската гарда

Папата Лав XIV се заблагодари за поддршката за новите касарни на Швајцарската гарда

Папата Лав XIV во понеделник, 23 ноември 2026 година, прими делегација на Фондацијата за реновирање на касарните на Папската швајцарска гарда и им се заблагодари на нејзините членови за долгогодишната посветеност и великодушност со која придонесуваат за изградбата на новите касарни во Ватикан.

Фондацијата е основана во 2016 година со цел да помогне во обновувањето на објектите и инфраструктурата што ги користат припадниците на Швајцарската гарда. Проектот треба да обезбеди современи услови за работа и живеење за гардистите и нивните семејства, а почетокот на градежните работи е планиран за 2027 година.

Во своето обраќање Папата истакна дека станува збор за плод на повеќегодишна работа, трпение и истрајност. Тој им се заблагодари на членовите на Фондацијата што продолжиле да работат и тогаш кога патот до реализацијата изгледал долг и тежок.

Светиот Отец нагласи дека касарните за припадниците на Папската швајцарска гарда имаат подлабоко значење од обичен простор за престој. Според него, тие се место каде младите гардисти можат да останат поврзани со своите корени, со семејството, традициите, вредностите и верата што ја понеле од својата татковина.

„Таму еден млад човек, иако е далеку од својата татковина, може повторно да ѝ се приближи, преку вредностите што ги носи во себе, поуките од детството, верата што ја примил и традициите што ги негува“, истакна Папата.

Тој додаде дека новите касарни треба да бидат и место каде гардистите ќе созреваат како личности, свесни за сопственото достоинство, слободни и отворени за близина со Бога и со другите.

Папата се осврна и на она што гардистите ќе го понесат со себе по завршувањето на службата во Ватикан. Според него, тие еден ден ќе се вратат во своите средини со спомени од службата, но и со духовното и човечкото богатство што го стекнале во годините поминати во Рим.

Посебна благодарност Папата упати кон донаторите и сите кои придонеле за проектот, нагласувајќи дека многу идни гардисти можеби никогаш нема да ги дознаат нивните имиња.

„Многу од младите гардисти кои ќе живеат во новите касарни можеби никогаш нема да ги знаат вашите имиња, но Бог ги знае. И тоа е доволно“, рече папата Лав XIV.

На крајот Светиот Отец ги повика присутните на заедничка молитва Господ да ги придружува во оваа важна задача и им го подели својот апостолски благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот