Папата Лав XIV пристигна во салата за аудиенции „Павле VI“ по молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“. Таму го очекуваа семејства, деца, богопосветени мажи и жени и волонтери кои секојдневно се грижат за најранливите.
„Добро утро на сите и добредојдовте!“
Со топол пречек, 1.300 сиромашни и ранливи лица го поздравија папата Лав XIV, кој околу 13 часот пристигна во салата „Павле VI“ за да го сподели ручекот со поканетите гости.
Тие учествуваа благодарение на хуманитарни организации кои секојдневно обезбедуваат материјална и духовна помош во Рим за ранливи луѓе чии животи се обележани од тешкотии, војни и долготрајни страдања.
Децата со голема радост го поздравија Папата, а присутните станаа додека тој им се обраќаше. Со аплауз ја изразија својата благодарност за оваа традиција, која започна во 2017 година, по повод првиот Светски ден на сиромашните.
Различни животни приказни, лица и јазици ја исполнија салата „Павле VI“, која за еден ден беше претворена во голем ресторан, но и во место на молитва. Пред доаѓањето на Папата, присутните преку големи екрани заедно ја следеа молитвата Ангел Господов од плоштадот „Свети Петар“.
Папата му се заблагодари на надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, префект на Дикастеријата за служба на милосрдието, за трудот вложен во организацијата на ручекот.
„Им благодариме на сите што со својата поддршка, великодушност и служба овозможија денес да бидеме заедно. Тука е присутен и Италијанскиот Црвен крст, на кој исто така сакаме да му се заблагодариме, како и на сите вас. Денес сите сме едно семејство“, рече папата Лав.
Средба за заедничка радост
Мислите на Римскиот епископ потоа се насочија кон благодарноста кон Господ, Кој ја овозможува секоја средба.
„Пред сè сакаме да Му благодариме на Господ, Кој ни го дарува животот и можноста заедно да го прославиме она што го претставува оваа средба, како и да им изразиме благодарност на сите што секогаш нè придружуваат на нашиот пат“, рече Папата.
Сведоци на Неговата љубов
Средбата беше заокружена со молитва и благослов.
Папата се помоли храната што ја споделија да им помогне на сите подобро да ја исполнуваат Божјата волја и да го градат Неговото Царство на љубовта.
„Господи, помогни ни да бидеме сведоци на Твојата љубов. Дарувај му на секое семејство радост да биде обединето во мир и направи никому да не му недостига она што му е потребно за живот. Ти благодариме, Господи, за оваа братска трпеза и за сите што помогнаа да се подготви оваа средба.“
„Добар апетит!“
„Добар апетит на сите!“, рече Папата пред да седне на маса заедно со 18 сиромашни лица и надбискупот Луис Марин де Сан Мартин.
За подготовката и послужувањето на ручекот се погрижи Италијанскиот Црвен крст, со помош на повеќе од 400 волонтери.
Повеќе од 250 од нив помогнаа во поставувањето на над 100 маси во салата „Павле VI“ и во послужувањето на ручекот во три јадења. На менито имаше канелони, телешка чорба со грашок и сладолед.
Италијанскиот Црвен крст се погрижи и за музичката програма преку својот национален оркестар.
Црква која им излегува во пресрет на луѓето
Пред Папата да ги поздрави присутните, надбискупот Марин им се обрати на гостите и го опиша ручекот како „вистинско искуство на братство“, во кое секој може да се чувствува како дома.
„Свети Оче, Ви благодариме што постојано нè повикувате навистина да бидеме Божјо семејство“, рече тој, истакнувајќи го повикот Црквата да биде близу до луѓето и способна да им излегува во пресрет.
„Ви благодариме што сте тука и што го споделувате овој ден со нас“, заклучи надбискупот Марин.
Ватикан њуз/к.мк

