Папата до католичките филантропи: Користете ги даровите за да си служите едни на други како добри управители

Папата до католичките филантропи: Користете ги даровите за да си служите едни на други како добри управители

Папата Лав XIV се сретна со членовите на Католичката филантропска мрежа ФАДИКА и ги повика даровите што сме ги примиле од Бога да ги користиме во служба на другите и за доброто на целата Црква.

Папата Лав XIV во среда, 18 ноември 2026 година, прими на аудиенција делегација на Католичката филантропска мрежа ФАДИКА, кратенка од „Фондации и донатори заинтересирани за католички активности“.

Основана во Соединетите Американски Држави во 1976 година, ФАДИКА оваа година одбележува 50 години од своето основање и од здружувањето на фондации и донатори во поддршка на Црквата и промовирањето на општото добро.

Нејзината работа опфаќа поддршка на католички организации во заштитата на децата и грижата за созданието, помош за парохии и училишта, како и активности насочени кон сиромаштијата, расната маргинализација и хуманитарните кризи.

Во своето обраќање папата Лав изрази надеж дека ходочестието на делегацијата на гробовите на апостолите ќе донесе духовни плодови и ќе ја зацврсти нивната поврзаност со наследникот на Петар и со целата Црква.

Папата потсети дека аудиенцијата се одржува токму на 400-годишнината од посветувањето на денешната базилика „Свети Петар“, осветена во 1626 година.

Тој потсети дека Исус му ги доверил на Петар клучевите од Царството небесно откако скромниот галилејски рибар ја исповедал својата вера во Исус како „Христос, Синот на живиот Бог“.

Базиликата „Свети Петар“, изградена над гробот на апостолот, претставува „живо сведоштво за континуитетот на верата на Црквата, загарантиран преку верноста кон живото Предание пренесено од првиот меѓу римските папи до денес“, рече Светиот Отец.

Потоа папата Лав се осврна на работата на ФАДИКА и на нејзината финансиска поддршка за различни потреби на Црквата, меѓу кои и иницијативи на Римската курија во областите на образованието, грижата за созданието и заштитата на човечкото достоинство.

„Со тоа го применувате повикот на Свети Петар секој дар што сме го примиле од Господ да го користиме за да си служиме едни на други, како добри управители на Божјата благодат“, рече Папата.

На крајот папата Лав XIV им изрази искрена благодарност на членовите на мрежата за нивната работа и ги охрабри и понатаму да бидат особено внимателни кон потребите на сиромашните и обесправените.

„Како што првата христијанска заедница се обединуваше во молитва за Свети Петар, особено во време на потреба, така и јас ја барам вашата духовна поддршка, за Господ да продолжи да ме зајакнува и да ми помага во мојата Петровска служба“, рече папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот