Во своето прво јавно обраќање во Перу, пред претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор, папата Лав XIV потсети на својата долгогодишна поврзаност со земјата и ги повика одговорните да го заштитуваат „секојдневниот мир“ на перуанскиот народ.
Враќајќи се во Перу, земјата која повеќе од две децении ја нарекуваше свој дом, папата Лав XIV им се обрати на претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во своето прво јавно обраќање во Големиот национален театар во Лима.
„Ова мое враќање има многу посебно значење за мене“, рече Папата, потсетувајќи дека неговата поврзаност со Перу започнала многу пред да стане епископ на Чиклајо. „Со години го споделував животот на неговиот народ, ги слушав неговите грижи и учев од неговата вера.“
Папата се присети на луѓето кои му ги отворале вратите на своите домови и ја делеле трпезата со него, вклучително и „некое добро севиче“, правејќи да се чувствува „како еден од нив“. Во 2015 година тој доби перуанско државјанство, чин кој, како што истакна, „ја симболизираше врската што овој народ долго време ја вткајуваше во мојот живот“.
Стоејќи повторно во главниот град на Перу, Папата рече дека денес уште појасно разбира „колку од оваа земја останува во мене и колку од мојата сопствена приказна ви припаѓа и вам“.
Враќајќи се во Перу како наследник на Петар, папата Лав нагласи дека годините поминати во земјата придонеле за неговото обликување како пастир. Тој изрази благодарност за сето она што го примил во Перу и за можноста повторно да се врати.
Заедничка национална судбина
Папата потоа се осврна на многубројните јазици и традиции што ја сочинуваат културата на Перу. Потсети дека католичката вера пристигнала на овие простори пред речиси пет века и дека токму Перу ѝ ја подарил на Латинска Америка нејзината прва светица, Света Роза од Лима.
Осврнувајќи се на различностите меѓу регионите на земјата, Папата нагласи дека „единството на еден народ се зајакнува кога овие разлики го наоѓаат своето место и кога секој придонесува со сопствената историја и убедувања“.
Солидарноста, рече тој, се изразува преку заедничката работа, помошта на семејствата и гостопримството. На тој начин луѓето конкретно ја покажуваат својата љубов кон татковината.
„Да се сака еден народ значи да се посакува сите во него да живеат достоинствено, да се грижиме за нив и да бидеме подготвени да дадеме нешто од себе за нивното добро“, истакна Папата, додавајќи дека токму народот на Перу му помогнал подобро да го разбере тоа.
Грижата за другите се остварува и преку јавната служба и демократскиот живот, кои можат да ги обединат луѓето со различни уверувања и цели околу една „заедничка национална судбина“.
Вистински луѓе, вистински живот
Папата нагласи дека слушањето е првиот неопходен чекор за да се разберат потребите на другите, особено во земја со толку многу јазици и различни животни искуства. Зад досиејата, документите и статистичките податоци секогаш стојат вистински луѓе и вистински животни приказни.
Слушањето бара особено трпение кога постојат несогласувања и болни искуства.
„Демократскиот живот подразбира да признаеме дека никој ги нема сите одговори и дека разликите не нè спречуваат заеднички да се грижиме за доброто на земјата“, рече папата Лав.
Папата ги повика присутните да негуваат чесност, интегритет и подготвеност за соработка.
Мирот, истакна тој, има многу конкретно значење за едно семејство. Тоа значи човек да може да оди на работа без страв, да се грижи за своите деца и спокојно да се врати дома. Никој не треба да биде лишен од овие „едноставни стремежи“.
Тој нагласи дека Црквата е свесна за страдањата предизвикани од насилството и сака да остане близу до оние што страдаат, поддржувајќи ги сите кои преку законот и правдата работат за заштита на животот, достоинството и правата на луѓето.
Грижата за семејството е исто така дел од овој „секојдневен мир“. Секоја работа придонесува за животот на земјата и секоја има достоинство кое заслужува признание.
Папата потсети и дека постојат добра кои економскиот просперитет не може да ги замени, меѓу нив „мирот на совеста, сигурноста дека сме сакани и слободата да ја бараме вистината и според неа да го насочуваме сопствениот живот“.
Дијалог и соработка
Папата Лав ги повика властите да обезбедат достапни здравствени услуги и да ја зајакнат превентивната медицина, особено за поддршка на семејствата кои се грижат за стари и болни лица, лица со проблеми со менталното здравје и лица со попреченост.
Осврнувајќи се на напредокот на науката и технологијата во здравството, образованието и заштитата на животната средина, Папата повика и на „соодветни законски гаранции за спречување можни злоупотреби и заштита на луѓето од нивните последици“.
Тој истакна дека заштитата на животната средина и одговорната употреба на новите технологии бараат соработка меѓу државите. Прашањата што ги засегаат луѓето од различни региони и земји најдобро се решаваат преку дијалог и соработка.
Осврнувајќи се на многубројните Перуанци кои живеат во странство, Папата нагласи дека „оддалеченоста не мора да ја намали љубовта кон татковината. Понекогаш таа ни помага уште појасно да разбереме колку многу сме примиле од неа“.
Војните и конфликтите што ги погодуваат луѓето ширум светот, според Папата, бараат трпелива дипломатија, односно „дипломатија која го одржува дијалогот отворен, го почитува меѓународното право и бара договори што ги штитат животот и достоинството на луѓето“.
Секоја држава има свои легитимни стремежи, истакна тој, а доброто на еден народ е тесно поврзано со доброто на другите.
Заемен однос
На крајот од своето обраќање папата Лав се осврна на односите меѓу Перу и Светиот Престол, кои се темелат на духот на регионална и меѓународна соработка. Перуанскиот Устав ја признава Католичката црква како важен дел од историското, културното и моралното обликување на земјата и создава основа за соработка меѓу Црквата и државата.
Црквата, рече Папата, продолжува да му служи на Перу преку навестувањето на Евангелието, близината со оние што страдаат и грижата за достоинството на секое човечко суштество.
„Постојат многу начини да му се служи на Перу“, рече папата Лав, изразувајќи благодарност до сите кои се посветуваат на доброто на земјата.
„Толку многу добив од вас. Постојат лица, разговори и гестови на љубов кои, и по толку многу години, сè уште ги носам со себе“, рече тој.
Папата го посочи Социјалната наука на Црквата како водилка која може „да ги просветли и насочи напорите на сите оние што работат за доброто на оваа нација“.
„По застапништвото на Пресвета Дева Марија, Света Роза и сите светци и блаженици на оваа земја, Го молам Господ Христовата љубов да ви помогне во секој Перуанец да препознаете брат или сестра, а во секој од нив уште една причина повеќе да ја сакате својата татковина.“
Ватикан њуз/к.мк

