На крајот од својот прв ден во Перу, папата Лав XIV ги поздрави верниците собрани пред Апостолската нунцијатура во Лима, повикувајќи ги да се молат за мир и да го негуваат единството во своите семејства.
Папата Лав XIV се врати во Перу, земјата во која со години служеше како августински мисионер, а подоцна и како епископ на Чиклајо. Неговиот прв ден започна со пречекот во воздухопловната база Калао, продолжи со средбата со претседателката Кеико Фуџимори, а заврши со обраќање пред претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Големиот национален театар во Лима.
Добра ноќ, Лима. Добра ноќ, Перу.
На крајот од денот, по вечерата, Папата излезе на балконот на Апостолската нунцијатура и ги поздрави верниците кои се собраа за да му посакаат добра ноќ.
„Се вратив дома“, им рече тој. „Еве ме дома.“
Папата им се заблагодари за топлото добредојде и ги повика да се молат за мир. Во шеговит тон додаде дека прославата може да продолжи уште малку, но сепак да не трае предолго, бидејќи и соседите сакаат малку мир.
Пред заедно со присутните да ја измоли молитвата „Оче наш“ и да им го подели својот благослов, папата Лав побара „посебна молитва за вашите семејства“.
„Многу е важно да мислиме на семејствата и да бараме начини како да го негуваме единството во нашите семејства“, рече тој.
„Добра ноќ“, порача Папата на крајот, додавајќи „се гледаме утре“.
Поглед кон следниот ден
Во четврток папата Лав ќе се сретне со епископите на Перу и ќе ја предводи пладневната молитва од Часословот во катедралата во Лима, по што ќе учествува на средба посветена на предизвиците и надежите на перуанскиот народ, која ќе се одржи на плоштадот пред катедралата.
Ватикан њуз/к.мк

